Пoлитичките партии се дел од парламентот каде што се донесуваат законите и имаат одговорност да ги почитуваат зaконите што самите ги изгласале. Така најлесно ќе излеземе на правиот пат, а ДКСК ќе работи согласно надлежностите утврдени со закон.
Ова е пораката од претседателката на Државната Комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска што во интервјуто за МИА ја упати до сите политички партии и други учесници во претстојните претседателски избори. Потенцира дека досега Комисијата немала притисоци, а одговор против евентуалните притисоци ќе ги бидат аргументите и фактите. Таа посочува дека во функција на успешно извршување на редовните обврски во борбата за спречување на корупцијата, ќе мора да се работи и на јакнење на капацитетите и доекипирање на стручната служба Комисијата. Вели не е тешко да се работи, но времето е често пати кратко за да успее да одговори на сите барања од медиумите во насока на транспарентно работење на ДКСК.
Дали 18-те предмети што ги отворивте за непотизам во вработувањата на блиски на функционери и пратеници од власта ќе биде првиот тест за тоа дали ќе успеете да одолеете на притисоци во борбата против непотизмот и корупцијата? Ова особено затоа што првпат члeновите на ДКСК се избрани транспарентно на јавен конкурс?
Комисијата беше избрана на транспарентен начин, пред јавноста. Во изборот учествуваа претставници на граѓанските здруженија и медиумите кои имаа можност да постават прашања по свој избор, што придонесе за квалитетен избор. Со оглед на сензитивноста на прашањата поврзани со вработувањата Комисијата веднаш отвори 18 случаи кои во наредниот период ќе бидат разгледани и согласно законскиот рок од најмногу два месеци, ќе испорача резултати, од кои јавноста ќе има можност да оцени дали сме работеле под притисок. Досега не сме имале притисоци но доколку се случат, на наша страна секогаш ќе бидат аргументите и фактите, бидејќи тоа е нашето оружје со кое ќе се бориме.
ДКСК има зголемени ингеренции и надлежности… достапни Ви станаа банкарските сметки на избраните функционери…. кои дополнителни овластувања ќе Ви помогнат во извршување на работата?
Со новите надлежности Комисијата треба електронски да се поврзе со повеќе бази на податоци на повеќе институции почнувајќи од катастар, Управа за јавни приходи, МВР, и ред други институции чии податоци кои ќе ни бидат потребни за да вршиме проверка на состојбите согласно надлежностите кои се предвидени со закон, како што се точно прикажување на имотната состојба, постоење на судир на интереси, и слично. Меѓутоа, Комисијата не може веднаш да почне да ги извршува своите надлежности поради тоа што нема обезбедено материјално-технички услови за работа. Пред се ни претстои задача да обезбедиме простор во кој ќе можеме да ја инсталираме опремата која ќе ни овозможи поврзување со споменатите институции. Очекувам многу скоро тоа да се реши.
Откако ќе ја ставиме опремата во функција и ќе инсталираме софтвер што ќе ни обезбеди директна проверка на податоците на Анкетните листови, ќе бидеме сигурни во веродостојноста на Анкетните листови. Така ќе може да се проверуваат за многу кратко време со што ќе заштедиме човечки ресурси и време, и ќе обезбедиме точни податоци за јавноста.
Како ќе се пополни вакуум просторот од последните две години кога и не функционираше ДКСК, а изминатите осум може да речеме „не работеше”?
Има многу предмети кои се останати, но ние ќе тргнеме од она што во моментов е најсензитивно. Ги отворивме случаите со вработување, натаму не пречекуваат претседателските избори, на кои паралелно ќе работиме. Предност ќе дадеме на актуелните ситуации. Сепак, должни сме да провереме се што е пристигнато во ДКСК.
Во пресрет на претседателските избори колку ДКСК е подготвена да ја следи изборната кампања од аспект на финансирање на политичките партии?
Со новиот закон Комисијата има надлежност да ја следи изборната кампања на партиите од аспект на нивно финансирање , за што Комисијата спроведува соодветни активности. Во тек сме на склучување меморандум за соработка со Државната изборна комисија и Државниот завод за ревизија, Се договараме кои активности да ги преземеме, особено во делот за злоупотреба на буџетските средства и човечките ресурски кои се ангажирани во државната администрација, особено од аспект на злоупотреба на работно време и на материјални средства кои се на располагање на државните органи. Исто така ќе ја следиме изборна кампања во делот на тоа што се е вклучено од страна на политичките партии за кампањата, и дали се финансирале од изборната сметка или од некој друг извор. Ќе се обидеме на сите можни начини и со сите расположиви ресурси што ги имаме да го покриеме тој дел. Затоа ја повикувам јавноста, НВО и медиумите, сите да настапиме единствено секој што ќе дојде до некоја информација за неадекватно користење или злоупотреба на пари на државата да ја извести ДКСК.
Comments are closed for this post.