Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за денеска најави први резултати по реакциите во јавноста за случаи на непотизам со вработувања во институциите на лица блиски до функционерите на власта.
Ќе се повлечат луѓето, првите резултати ќе ги видите денеска, но да оставиме тоа да бидат конкретни чекори најавени од самите луѓе во овој процес, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој најави дека многу бргу Владата ќе го презентира законот за високораководна служба, што, како што рече, ќе овозможи деполитизација на менаџерските позиции и ќе значи и гаранција за процесите за вработување и за изборот на луѓе.
Манчевски појасни дека изборот ќе го врши комисија со претставници и од институцијата, но и надвор од нив, и оти ќе се оди чекор понатаму од концептот со формирањето на Комисијата што ги избираше членовите на Антикорупциската комисија.
Одиме дури и чекор понатаму. Не на пример како што беше изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата каде што имаше четворица претставници од Собранието и тројца од надвор. Во оваа комисија ќе бидат подеднакво, ако не и во мнозинство, лицата кои се надвор од институциите. Тие ќе го прават рангирањето и ќе достават листа од најдобрите три или пет кандидати, наведе Манчевски.
Како што најави, по завршување на претседателските избори треба да се воведе и ограничување на бројот на лица кои може да бидат вработени на определено време.
Оваа работа ќе почне да се разрешува денеска, а законските решенија ќе влезат во процедура. До крајот на изборите имаме забрана за секаков вид вработувања, така што тоа ни дава доволно време да ги поставиме системот и законите за да бидат во сила веднаш кога ќе завршат изборите, изјави Манчевски.
Comments are closed for this post.