Група затвореници во Њупорт Ричи на Флорида ги искористиле своите „способности“ за да отворат заклучен автомобил и од внатре да извадат едногодишно дете, соопшти CBS. Таткото на бебето ги оставил клучевите на шалт-таблата и кога ја затворил вратата се активирала централната брава.
Температурата надвор била 22 степени, но во автомобилот достигнала 37 степени Целзиусови, па родителите се успаничиле. Насобраната толпа околу автомобилот го привлекла вниманието на полицаец, кој во тој момент надгледувал петмина затвореници кои работеле на патот во близина.
Таткото решил да скрши прозорец на автомобилот, но затворениците предложиле друго решение за да му заштедат пари за ново стакло. Еден од затворениците искористил закачалка за алишта за да ја отклучи заклучената врата. Само неколку минути потоа бебето веќе било во прегратките на родителите.
Окружниот шериф ги пофалил затворениците за постапката со која докажале дека престапничките „способности“ можат да бидат искористени и во благородни цели.
Овие луѓе направиле грешки, но сакаат и правилно да постапат, изјави шерифот Крис Ноко.
Comments are closed for this post.