Групата на Европската народна партија одново ќе има најголем број места во идниот Европски парламент по изборите во мај. Ова го покажува првата од серијата анкети за тоа како ќе изгледа идната пленарна сала, што е направена по порачка на Европскиот парламент и објавена денеска.

Истражувањето е направено при постоење на 705 места во Евро-парламентот наместо постоечките 751. Причината за тоа напуштањето на Велика Британија на Европската унија, па по мај таа нема да има свои европарламентарци. Според објавените резултати, ЕНП ќе добие 183 места наместо 221 од минатите избори, групата на социјалистите и демократите-135 наместо 191 од 2014 година. Повеќе места ќе имаат Алијансата на либералите и демократите за Европа 75 наспроти 67 од претходните избори. Голем е процентот во графата „други“ во која влегуваат и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Републиката, напред“!-58 места.

Бројот на места ќе го зголеми и крајната десница преку партиите како италијанската „Лига“, Алтернатива за Германија и францускиот Национален фронт на Марин ле Пен.