Во моментов низ целата територија на Република Македонија се работи на реализација на проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестициска програма за подобрување на квалитетот на патната мрежа во државата, изјави  министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, при вршењето на увидот на изградбата на мостот на реката Луда Мара во Ваташа.

На увидот присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за патишта Зоран Китанов и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Министерот нагласи дека ова е дел од програмската определба за изградба и подобрување на патната инфраструктура во државата.

  Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа, сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман, информираше Сугарески. 

Исто така,  во тек е изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, а до ноември оваа година се очекува да биде завршена рехабилитацијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија. Сето ова е, како што нагласи, дел од најавениот голем инвестициски циклус во патната инфраструктура.     

Китанов рече дека постоечкиот мост е доста оштетен и опасен за понатамошна употреба. Приодниот пат до мостот е исто така со незгодна кривина, па имаше многу сообраќајки и автомобили паднати во реката. 

Изградбата на нов мост е од големо значење за Ваташа и Кавадарци, но и за сите други, бидејќи, како што рече градоначалникот, стариот е од 1960 година.

Информираше дека инвестицијата е околу 500 илјади евра, заедно со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта.