Поддршката за членство во ЕУ и во 2018 година останала на исто ниво како и во 2017, но очигледно е зголемувањето на јазот помеѓу Македонците и Албанците кога е во прашање поддршката за ЕУ. Ова беше истакнато денес на промоцијата на двете публикации изработени од Институтот за демократија Социетас цивилис и на Институтот Конрад Аденауер, а се поврзани со анализата на јавното мислење за македонскиот процес за пристапување кон Унијата.
Вакви анализи се прават од 2014 година, методологијата е иста, прашањата се исти, рече професорот Иван Дамјановски, еден од авторите на публикацијата.
„Опаѓа трендот на поддршката кај Македонците по потпишувањето на Преспанскиот договор, а кај Албанците тој процент достигна до 96“, рече Дамјановски.
Кај етничките Македонци поддршката за во ЕУ во 2017 изнесувала 68 проценти, а во 2018 паднала на 63 и јасно е за колку голем етнички јаз станува збор. Промена на името е во тој поглед клучниот фактор, иако анализата покажува растечки тренд на поддршката и кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак 25 проценти од анкетираните кои ја поддржуваат демохристијанската опозициска партија остануваат цврсти евроскептици.
„Прашањето за името ја изгуби својата потентност како стимулатор на евроскептицизмот меѓу етничките Македонци, особено што бројот на етничките Македонци кои го поддржуваат членствотото членствотото на Македонја во ЕУ и ако е тоа условено со промена на името на земјата, се има повеќе од удвоено од 2014 година“, рече проф. Дамјановски.
Доколку е ова точно, тогаш се поставува прашањето зошто толку убедливо пропадна референдумот на кој граѓаните се изјаснуваа за промена на името? И дали има драстична промена на мислењето кај Македонците од октомври до декември?
Америка највлијателна, Русија најголем сојузник
Кој има најголемо влијание, а кој е најголем сојузник на Македонија? САД три години по ред го држат првото место кога е во прашање нивното перцепирано влијание во земјата. Но, испитаниците (репрезентативен примерок од 1.000 лица) ја рангираат Америка како втора или трета земја кога треба да оберат кој е најголем сојузник на Македонија.
Истото важи и за Русија – додека нејзиното влијание во земјата вообичаено се рангира на трето место (зад САД и ЕУ), Москва е перцепирана како прв или втор најголем сојузник на земјата.
Comments are closed for this post.