Премиерот Зоран Заев ќе побара од сите роднини на функционери на СДСМ, кои изминатиов период беа вработени во државни институции и компании, да се повлечат од местата, изјави Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација при неговото последно гостување на ТВ Телма.
Притоа тој даде објаснување за бранот вработувања во јавната администрација и се обидува да прави дистинкција меѓу нив и вработувањата на блиски роднини на партиски и државни функционери од владејачката партија.
„Зошто токму сега огласи? Ќе повторам, затоа што институциите имаат реална потреба за тој кадар. За блиски роднини и пријатели кои се вработени, морам да кажам дека тоа не се наши вредности. Ние правиме анализа, и за тоа ние немавме информација. На барање на премиерот, тој бара сите тие да се повлечат. Излеговме од еден систем со такви вредности каде имаше партиски вработувања и ние се бориме да го промениме тој систем и да го смениме таквиот начин на размислување. Ние признаваме дека имаме притисок и од наши членови дека тие очекуваат да бидат вработени во државни институции и некои успеале“, рече Манчевски.
А, само ден-два претходно истиот министер Манчевски изјави нешто сосема друго.
Десет години сите членови на СДСМ беа најдискриминираната категорија на граѓани во државата. За нас беше забрането и во јавен и во приватен сектор било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи. Затоа зборуваме за заробена држава. Денеска е чудно што било кој што е симпатизер на оваа власт дека се вработува и во јавни институции. Каде да одат овие луѓе, ајде да се договориме да ја напуштат државата-објасни министерот.
И тука се поставува прашањето „за милион долари“ – кога говори вистинскиот министер Манчевски? Кога е борец за „вредности“ и ревносен спроведувач на барањето на премиерот за повлекување од работните места на сите нововработени, кои се роднини на функционери на СДСМ, или одмаздољубиво „градско фраерче“, кое наметнува теза, што е далеку од реалноста? Кога е во улога на промотор на борбата против „заробената држава“ или промотор на токму таквата „заробена држава“? Кога сака да се договори со јавноста за „напуштање на државата“ од страна на симпатизерите на власта или кога ќе признае дека нема информации и оти прават анализи за вработувањата? Или кога веќе не знае што да прави по барањето на премиерот, па е во дилема дали истите тие симпатизери на власта сега ќе мора, сепак, да останат во државата? Кога вели дека трба да се повлечат само нововработените, кои се роднини и пријатели само на функционери на СДСМ или истото тоа ќе важи и за нововработените, кои се роднини и пријатели и на ДУИ и на сите останати коалициони партнери во власта? Конечно, дали ќе си остане истиот министер Манчевски, кој само така случајно, преку ТВ-настап, мора да ги промовира „вредностите“ на премиерот, што истовремено стануваат и негови, ама моралот, етиката и одговорноста важат за некого друг, но не и за него? Тој, нели, е министер.
Pressingtv.mk - содржините се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.