Откако се вработија синот и братот на пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска последна информација е дека и нејзиниот сопруг Илчо Стојчевски е назначен за командир на шумската полиција во Делчево на ден 11.02.2019 година односно понеделник. Ова на денешната прес-конференција го обелодени портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Да потсетиме на 11. февруари со работа почнаа и нејзиниот син и нејзиниот брат, а сега и нејзиниот сопруг. Многу среќен ден е овој датум за семејството на Мира Стојчевска, па можеби треба да го земе и за куќна слава. Очекуваме дека Мира Стојчевска и за ова нема информација или пак повторно е изненадена и воопшто не знае. Ова веќе не е непотизам. Ова е епидемија од непотизам од кое што во само еден ден се заразило целото едно семејство Стојчевски“, рече Арсовски.
Од опозициската партија велат дека ова не е единствен скандалозен случај на вработување на член на семејство на пратеник од редовите на СДСМ.
„Имено, според кои критериуми е вработен синот на пратеничката на СДСМ од Радовиш, почитуваната Милева Ѓорѓиева, нејзиниот син се вика Стојче Ѓорѓиев, како инспектор за јавна безбедност во МВР без огласување на јавен оглас? Патем мора да потенцираме и да и обзнанеме на јавноста дека синот Стојче е пријавен на оваа работна позиција со средна стручна спрема, замислете, фармацевтски техничар. Фармацевтски техничар како инспектор за јавна безбедност“, истакна Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ прашува: Дали е тоа така само затоа што е син на Милева-Ѓорѓиева?
Comments are closed for this post.