На два месеци пред претседателските избори власта и опозицијата немаат забелешки на Избирачкиот список. Ова е сосема спротивна слика од таа што ја имавме за парламентарните избори во 2016 година кои беа вовед во политичката криза.
Државната изборна комисија започна со подготовките за избор на претседател кои треба да се одржат на 21 април на 5 мај а со тоа и на Избирачкиот список.
Љупка Гугучевска,портпарол на Државна изборна комисија, уверува дека списокот се ажурира редовно на дневна основа. Таа објаснува дека веднаш по распишувањето на изборите МВР до ДИК ги доставува податоците на граѓаните.
Оваа база на податоци потоа се дообработува и најдоцна 15 денови од распишувањето на изборите се става на јавен увид. Има механизми на кои граѓаните ќе можат да извршат увид, потоа и политичките партии го добиваат на увид па и тие ќе можат да дадат свои барања. Финалниот производ во соработка со сите чинители на изборите, односно финалниот Избирачки список ќе биде јавен документ во кој граѓаните ќе имаат доверба-вели Гугучевска за Пресинг ТВ.
На последните неколку избори, бројот на запишани гласачи во Избирачкиот список е околу 1.800 000 гласачи. За последните локални избори лани бројката беше дури и поголема за околу 30.000 гласачи.
За Избирачкиот список најголем сомнеж имаше пред изборите во 2016 година. Тие двапати беа одложувани бидејќи тогашната опозиција обвинуваше за наводни фантомски гласачи. Се споменуваше бројка од дури 300.000 сомнителни гласачи.
Поради тоа, на барање на тогашната опозиција предводена од СДСМ беше спроведена теренска проверка на сомнителни гласачи по што околу 30.000 беа привремено избришани од Избирачкиот список.
Покрај тоа, околу 200.000 граѓани за кои се претпоставуваше дека живеат во странство беа ставени на посебен список. Потоа за локалните избори сомнителните гласачи беа вратени во Избирачкиот список.
Спротивно на тогашната опозиција, сегашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ засега не се изјаснува дали има забелешки на Избирачкиот список.
Comments are closed for this post.