Како една млада Италијанка родена и израсната во Тунис, дојде до врвот на светската филмска слава, рамо до рамо со Брижит Бардо. Приказната за својот живот и кариера ја раскажа филмската дива, добитничката на специјалната награда „Златна камера 300“ и гостинка на фестивалот „Браќа Манаки“, Клаудија Кардинале, пред преполната мала сала на Центарот за култура во Битола.

Во разговорот што го водеше режисерот и продуцент од Италија, Микеле де Анџелис, Кардинале раскажа дека како млада девојка немала преголема желба за актерство и сакала да биде учителка. Сеак, на инсистирање на најблиските и благодарејќи на победата на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ што и донело патување на филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби и првата филмска ролја.

Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот, го послушав татко ми, кој најсилно ме наговараше и станав актерка – раскажа Кардинале на почетокот на разговорот.

Најкрупните чекори напред во филмскиот свет, Кардинале ги прави преку соработката со славните режисери Лукино Висконти и Федерико Фелини, коишто целосно маѓепсани од неа, па така, за Висконти, кој вообичаено не сакал да работи со жени, таа била „невообичаена жена“ вредна за да снима со него, додека Фелини ја сметал за своја муза.

Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност. Но, секогаш одбивав да се соблекувам гола во филмовите. Не сакав да го продавам моето тело – истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

Кардинале дојде до успех и во Холивуд, пред се со улогата во легендарниот „Професионалци“ (1966) на Ричард Брукс, каде што се појавува меѓу величини како Берт Ланкастер, Ли Марвин, Џек Паланс, Роберт Рајан, но и како единствената женска ѕвезда и во култниот италијанско-американски епски „шпагети“ вестерн на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Западот“ (1968), покрај Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда. Сепак, нејзиното појавување во холивудските филмови е ограничено, пред се поради нејзина лична желба.

Јас сум Европејка и секогаш сакав да бидам во Италија. Не сакав да останам во Америка, бидејќи Холивуд многу манипулира – изјави Кардинале, за што доби силен аплауз.

Филмската дива зборуваше и за личните врски и односи што се развиваат меѓу колегите за време на снимањата. Кардинале нагласи дека иако играла со познати актери кои важеле за големи заводници, никогаш немала љубовна афера на снимањата со ниту еден партнер. А покрај гореспоменатите, нејзини филмски партнери биле и Ален Делон, Марчело Мастројани.

Затоа, пак, Кардинале раскажа за искуството со режисерот Пасквале Сквитиери. За време на снимањето на филмот „Луција“ се вљубиле еден во друг, се венчале, а потоа снимиле уште 10 филмови. Нивната ќерка Клаудија Сквитиери ја придружува мајка си во Битола.

По завршетокот на разговорот публиката направи вистинска медитеранска процесија со Клаудија Кардинале, пеејќи ја со неа популарната италијанска песна „Марина“ и ја испрати до хотелот „Епинал“.