САД од утре ќе ја прекинат примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ). Шефот на Стејт департментот, Мајк Помпео порача и дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од тој историски договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не прекине со кршењето на пактот за контрола на вооружувањето.
Москва демантира дека го прекршила договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.
Во меѓувреме НАТО во свое соопштение „целосно го поддржа” потегот на САД.
„САД преземаат ваков потег како одговор на значајните ризици за евроатлантската безбедност, наметнати со прикриеното тестирање и производство на систем за крстосувачки ракети 9М729“, се наведува во соопштението на Алијансата.
По објавата на државниот секретар Помпео, соопштение пристигна и од Белата куќа, во него се вели дека Русија предолго го прекршува ИНФ „без да биде казнета, тајно развивала и поставувала забранет ракетен систем, што претставува директна закана кон нашите сојузници и сили во странство”.
Американскиот претседател Доналд Трамп истакна во соопштението дека Америка „целосно го поддржувала” договорот повеќе од 30 години.
„Но, ние нема да останеме ограничени со условите од договорот, додека Русија лажно ги претставува своите постапки. Не може да бидеме единствена земја во светот која е еднострано обврзана со тој договор или со било кој друг“, порача Трамп.
Американското повлекување од договорот за нуклеарното разоружување ќе доведе до трка во наоружувањето и до многу опасни ситуации, порача кон крајот на октомври претседателот на Русија, Владимир Путин.
Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.
Comments are closed for this post.