Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, соопшти дека надлежните правосудни органи до обвинителството не ги доставиле бараните снимки од Албанија во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Едно од образложенијата, според Јовевски, било дека системот за снимање не можел да ги чува сите снимки.

Во врска со снимките, односно меѓународната правна помош што беше побарана од надлежните правосудни органи на Република Албанија, како што извести Обвинителството, две службени лица престојуваа таму, но по барањето за меѓународна правна помош не е постапено целосно, така што снимките не се обезбедени – изјави Јовевски.

Како што посочи Јовевски, причините за тоа ќе се видат во понатамошниот тек од постапката, но важно е дека во овој момент снимките што ги бараше јавниот обвинител не се доставени.

Има повеќе моменти во нивното образложение. Едно е дека тие податоците се многу од безбедносните камери и дека тој систем не може подолго да ги чува – вели обвинителот Јовевски.

Прашан дали тие снимки биле избришани, Јовевски само кусо рече дека тие уреди работат автоматски.