Претседателот на Собранието, Талат Џафери, манипулира со јавноста, изјави за Пресинг Тв првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, додавајќи дека иницијативата за собирање потписи за нов референдум за името не е повлечена.
Спикерот Џафери на почетокот на денешната собраниска седница, на чиј дневен ред е ставена и иницијативата на СМК, објави дека Петров се повлекол од намерата да организира дополнителен референдум за името.
Петров појаснува дека, всушност, станува збор за една иста иницијатива, но поднесена до Собранието на двапати. Еднаш на 24 декември минатата година и по вторпат на 9 јануари годинава.
На 24 декември, со потписи на 130 граѓани, до претседателот на Собранието поднесов предлог за покренување граѓанска иницијтива за собирање 150.000 потписи за распишување задолжителен референдум, со цел не да се промени името на државата, туку да се поништи одлуката за промена на името донесена од Собранието. На 28 декември, Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем утврдија мислење дека предлогот не е уреден, бидејќи 130-те потписи не биле собрани пред надлежен орган за водење на избирачки список, вели Петров.
Тој додава дека веднаш започнале со собирање потписи преку ДИК и нејзините подрачни единици надлежни за водење на избирачки список и притоа на 8 јануари собрале 179 потписи. Утредента, на 9 јануари, предлогот за покренување граѓанска иницијатива за собирање 150.000 потписи повторно е доставен до претседателот на Собранието.
Надлежните работни тела на Собранието на 14 јануари утврдија позитивно мислење дека предлогот е уреден. И наместо да не извести во рок од три дена дека предлогот е уреден и соодветно да ја извести ДИК за да се подготви за собирање 150.000 потписи, Џафери предлогот од 24 декември го ставил како шеста, а предлогот од 9 јануари како 7 точка на собраниската седница, нагласува Петров.
Тој вели дека писмено го известиле спикерот Џафери оти предлогот од 24 декември е неуреден и оти останува на предлогот од 9 јануари. Но, информирани се дека 7-та точка е ставена како 28 од дневниот ред, останува нејасно зошто за тоа Џафери не ја информира јавноста и зошто не ги поканил да учествуваат на седницата овластените предлагачи на иницијативата.
Comments are closed for this post.