Глобалната американска информативна куќа „СИ-ЕН-ЕН“ направи анализа за Преспанскиот договор, кој го нарекува потег што може да биде најзначајниот дипломатски чекор на Балканот од крајот на војната во Босна. Како што објавува американската телевизија, со овој договор беше затворен горчлив, децениски билатерален спор во Европа. По 27 години заемна недоверба, Атина и Скопје го запечатија договорот за името, објавува „СИ-ЕН-ЕН“.
Во анализата на „СИ-ЕН-ЕН“ се наведува:
„Според договорот, соседот на Грција ќе престане да го користи името „Република Македонија”, име кое го избра за себе кога прогласи независност од Југославија во 1991 година. Наместо тоа, ќе се нарекува „Република Северна Македонија”. По неколкумесечни улични протести и жестока дебата во двете земји, договорот за името во петокот ја надмина последната од бројните пречки во Атина, со 153 гласови поддршка во Парламентот со 300 места.
Промената е значајна бидејќи Грција, членка на НАТО и на Европската унија, го блокираше членството на Скопје во НАТО и почетокот на разговорите за пристап во ЕУ сé додека не се реши спорот за името. Според договорот, Грција ќе ги повлече своите противења, отворајќи го патот за интеграција на својот сосед.
Како стигнавме до тука
Двете земји беа под притисок да го решат спорот, бидејќи западните земји гледаат на понатамошната интеграција на балканските земји во ЕУ и НАТО како начин за подобрување на стабилноста во регионот. Овој потег можеби ќе служи и како компромис што може да ги олесни другите регионални спорови. Но Москва отворено се спротивставува на аспирациите на Македонија, со оглед на тоа што одамна е главен играч во регионот.
Договорот, прво ратификуван во Скопје, следуваше по поразот на македонските националистички конзервативци од страна на социјалдемократите. Тоа значително ја подобри климата меѓу двете соседни земји по неколкудецениската силна националистичка реторика на двете страни.
Од раните 1990-ти, во Грција се ширеа мапи со граници на државата кои се протегаат до пристанишниот град Солун, главниот град на грчка Македонија, што ги подгреваше територијални стравови. Оргомната статуа на античкиот македонски крал Александар Велики, поставена на централниот плоштад во Скопје, поттикна понатамошни тврдења за културен грабеж.
Во летото 2018 година, олеснувањето на односите доведе до заедничка изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега, Зоран Заев, дека спорот за името најпосле е завршен. На свечена церемонија со голема симболика, одржана на Преспанското Езеро во кое се наоѓаат границите на Грција, Албанија и Македонија, двајцата го потпишаа историскиот договор, познат како Преспански договор.
Договорот се смета за проект за наследство на премиерот
Договорот се соочи со големи критики во двете земји во чекорите што доведоа до негова ратификација. Референдумот во Скопје имаше мал одѕив, а грчката Влада за седум месеци преживеа две гласања за недоверба и поради договорот го загуби својот помал коалициски партнер.
Загриженоста се врти околу идентитетот и како тоа може да влијае на идната безбедност. Противниците велат дека додавањето на зборот „Северна“ може да помогне да се дефинираат географските термини, но не прави ништо за одвојување на националноста и јазикот, што би можело да создаде основа за малцински прашања и територијални претензии.
Најновите анкети покажуваат дека повеќе од шест од 10 Грци се против договорот, а во петокот низ целата земја се одржаа демонстрации, во пресрет на гласањето во петокот. Протестниот митинг во Атина во неделата, на кој присуствуваа десетици илјади луѓе, беше нарушен со насилство.
Грчкиот премиер потроши политички капитал за да го протурка договорот што го опишува како „патриотска должност“. Тој, исто така, призна дека договорот ќе дојде „со политичка цена“. Неговата партија заостанува 10 отсто зад главната опозициска, која е силен противник на договорот. Лидерот на главната опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, кој зборуваше во Парламентот пред гласањето во петокот, ја опиша ратификацијата на договорот како „национална грешка која е навреда за вистината и историјата“.
Кусо време по ратификувањето на договорот, Ципрас напиша на Твитер: „Денеска пишуваме нова страница на Балканот. Националистичката омраза, спорови и конфликти го отстапуваат местото на пријателството, мирот и соработката“.
Неговиот македонски колега го сподели истото позитивно мислење во твит со честитки до грчкиот премиер.
Европските лидери, исто така, на социјалните медиуми го поздравија договорот. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ги пофали Цирас и Заев за нивната храброст да најдат компромис, додека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави потврдата за Преспанскиот договор како „важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион“.
„Тие имаа имагинација, тие го презедоа ризикот, тие беа подготвени да ги жртвуваат своите сопствени интереси за општото добро“ – напиша Туск на Твитер.
Анкетите покажуваат дека Ципрас ќе загуби на изборите што ќе се одржат оваа година. 44-годишниот политичар ја презеде функцијата во 2015 година како економски популист во екот на финансиската криза во Грција, со големи фанфари ветувајќи дека ќе ги смени условите за финансиската помош на Грција, но без голем успех. Многу Грци го гледаат договорот за името како проект за наследство на Ципрас чија цел е обезбедување на неговата иднина во политиката и зајакнување на неговиот имиџ надвор од грчките граници“.
Comments are closed for this post.