Судот во Полска донесе одлука дека државата мора да им плаќа отштета на Полјаците затоа што „не води доволно решителна и ефикасна борба против загадувањето на животната средина и со тоа го крши нивното право на слободно движење и дишење чист воздух”.
Судот ја донесе ваквата пресуда врз основа на тужбата против Полска покрената минатиот месец од неколку јавни личности, предводени од актерката Гражина Волшчак, во која се тврди дека државата „не презема доволно мерки полските градови да не бидат меѓу првите на неславната листа на најзагадени места за живот во Европа”.
„Европската легислатива, посебно директивата на Европскиот парламент од 2008 година, ја обврзува Полска да води сметка за загадувањето на воздухот. Државата од тогаш презеде серија мерки, но со задоцнување и недоволно ефикасно. Затоа (државата) е виновна поради недоволна активност“, изјави судијката во процесот Барбара Сита-Латала.
Таа во пресудата констатира дека државата го погазила правото на Волшчак на слободно движење и дишење чист воздух, како при прошетки, така и при проветрување на просториите во нејзиниот дом.
„Сосема е сигурно дека и е нанесена штета, бидејќи таа не може да се бави со активности на отворено без страв за своето здравје“, оцени Сита-Латала во пресудата, со која и се налага на државата да и исплати отштета на Волшчак од 1.190 евра.
Ова претставува прва пресуда во полски суд со која се потврдува правото на граѓаните на дишење воздух незагаден со смог.
„Судот призна дека имаме право да дишеме чист воздух. Можеме да бараме почитување на тоа право и да ги тужимее оние што ни го одземаат, изјави претставникот на организацијата „Полски смог аларм”, Пјотр Шергеј во коментар на пресудата.
Comments are closed for this post.