На Македонија и се случува голема градежна инвестициска активност, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за време на денешната посета на пелагонискиот регион.
Тој и градоначалникот на Битола Наташа Петровска извршија увид на градежните активности кои се одвиваат на регионалниот пат-обиколница над Битола, како и на локалниот пат Битола-Лавци.
Министерот Сугарески потсети дека оваа активност е дел од севкупната инвестициска дејност која што претходно беше најавена за повеќе региони во државата.
Во Македонија во моментов интензивно работиме на два патни правци, два автопата, Штип-Миладиновци кој ќе биде готов за брзо време, а интезивирана е и динамиката на автопатот Кичево-Охрид, особено по потпишувањето на анексот, четир експресни патишта низ се градат интензивно, но и бројни реконструкции. Најавивме дека преку програмата на ЈП Државни патишта ќе биде реконструиран 31 регионален пат и тоа е во тек. Големата градежна инвестициска активност и се случува, и ќе и се случува на Македонија во наредните неколку месеци односно до крајот на градежната сезона, истакна Сугарески.
Министерството за транспорт и врски во пелагонискиот регион наскоро ќе почне со рехабилитација на патот Битола-Демир Хисар и патот Битола-Меџитлија, а паралелно се работи проектната документација за автопатско решение на патот Битола-Прилеп.
Овој регион во наредните две години интензивно ќе се гради, а со завршување на експресниот пат Прилеп-Градско ќе имаме одлично сообраќајно поврзување на овој дел од државата, а со тоа и да овозможиме овој регион да биде уште повеќе развиен. До крајот на ноември очекуваме да биде завршена и изградбата на железничката пруга Битола-Кременица и затоа преговараме со властите од соседна Грција да биде направен технички прием и железничката линија да биде ставена во функција, нагласи Сугарески.
Според градоначалникот на Битола Наташа Петровска, општината конечно добила вистински третман и поддршка од државата за крупните инфраструктурни зафати.
Comments are closed for this post.