На следната владина седница во вторник ќе се разгледаат Уредбата и Програмата за директни плаќања за 2019 година во кои е вградена методологијата за исплата на новата мерка за зелена нафта.
По усвојувањето на Влада, во текот на следната недела ќе бидат расчистени техничките детали и фармерите ќе знаат на кој начин и во кој временски период ќе ја добијат зелената нафта.
Ова денеска го изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски во однос на прашање за зелената нафта. Пари се обезбедени, но министерот Николовски не даде прецизен рок кога земјоделците ќе ја добијат “ зелената нафта“, односно дали ќе ја добијат до пролетната сеидба.
Според Николовски допрва ќе треба да се утврди дали за зелената нафта ќе можат да аплицираат земјоделците кои земале субвенции претходната година или оние кои аплицирале за субвенции за 2019.
Мерката се очекува да опфати 55.000 земјоделци, а предвидува со државни пари да се покријат 30 проценти од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација. Средствата се обезбедени и програмирани во буџетот на Платежната агенција. За да користат „зелена нафта”, земјоделците ќе имаат наменски, типизирани трансакциски сметки и посебни дебитни картички од банки.
Comments are closed for this post.