Лозарите бараат Фонд за исплата на грозје, за винариите да не ги манипулираат како во минатото, бидејќи некои од нив сеуште немаат земено пари за родот од пред неколку години, информираат од Здружението “Напредни лозари”. За ова тие писмено се обратиле  и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во член 55 во Уставот на Република Македонија, стои пазарно договарање. Но има проблем во договарањето помеѓу винариите и лозарите. Винариите се многу моќни и секогаш ги наметнуваат нивните интереси, меѓусебно однапред договорени, на штета на  лозарите. Затоа државата треба да го регулира ова, категорични беа лозарите.

Тоа, според нив, не значи формирање на нова институција, зашто фондот нема да биде институција.

Институцијата ја имаме, тоа е Македонската банка  за поддршка  и развој, која би го менаџирала фондот од околу 30 милиони евра. Во Македонија има околу 150 милиони килограми грозје што вреди отприлика толку. Државата да наложи, ако винарската визба сака да откупува грозје, да склучи договор со фондот. Винариите да склучат договор со фондот, а тој им издаде  лиценца за откуп на грозје, но тие да остават гаранција (хипотека).  Кога винарската визба ќе откупи грозје, лозарот добива кантарна белешка која содржи предадени количини грозје, сорта и сума  за исплата. Со неа лозарот да оди во банка и веднаш да ги подигне своите пари. Банката треба да има склучено договор со фондот и во тој случај белешката станува хартија од вредност. Банката ги зема белешките што се исплатени, се јавува во фондот и кажува колку пари да пушти на банката. Така се врши исплата на грозјето истиот ден кога е предадено, појаснија лозарите.

Со ова, рекоа, банките ќе имаат обрт на средства и ќе ги привлекуваат клиентите. Лозарите ако ги подигнат средствата ќе ги пуштат  во оптек, а од тоа ќе имаат сите корист. На крајот, фондот би ги наплаќал побарувањата од винариите. Со оваа мерка, според нив, ќе има развој во лозарството и решавање на проблемот со ненавременото плаќање на грозјето.

За ова да се оствари треба да се смени статутот на МБПР што не би требало да е проблем. Со решавањето на овие проблеми лозарството ќе има иднина и развој со задоволни лозари, децидни беа лозарите.

Сево ова, како што образложија, за надминување на долгогодишниот проблем со ненавремената и нередовна исплата на предаденото грозје. Заради ненавремената исплата честопати се во финансиска криза. Не се во можност да набават репроматеријали за наредното производство, а и за издржување на своето семејство.

Лозарите ги финансираат богатите винарии предавајќи им грозје во кое вложиле пари и труд, а за тоа не добиваат веднаш пари. Неретко не доаѓа до исплата на предаденото грозје. Притоа лозарите целосно финансиски пропаѓаат и страдаат нивните фамилии, иако напорно работеле и инвестирале во лозовите насади, рекоа.

Околу милион и петстотини илјади евра побаруваат лозари од две винарски визби, за грозје продадено во 2015 и 2016 година.