Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денес почна исплатата кон сточарите за предаденото млеко со што се заокружува исплатата на субвенции за произведено и предадено млеко во 2017 година.

Исплатата од оваа трета фаза се врши преку платежната агенција и ќе бидат исплатени над 150 милиони денари, посочи Николовски.

Денес се врши исплата на 6.784 апликанти земјоделци, фармери, сточари кои што предале овчо, козјо или кравјо млеко и кои денес на своите сметки добија над 150 милиони денари. Производството на млеко освен што е традиционална индустрија во делот на агросекторот, таа е посебно значајна и за целокупната економија која во овој дел бележи пораст, истакна Николовски.

За време на посетата на општина Битола, министерот Николовски посочи дека МЗШВ распиша и во тек е склучување на договори за земјоделска земја наменета за производство на сточна храна.