…ни збор чуен од дедовци
ти си крв, коски и отров
крв, коски и мајчино млеко…!
(Лазо Каровски)
Една од најубавите песни за нашата татковина МАКЕДОНИЈА ја има напишано поетот Лазо Каровски. Го познавав лично, неверојатно срдечен, родољубив и мудар човек. Сите и деца и возрасни го почитувавме и му се восхитувавме заради неговата умешност да конверзира за македонските содржини – фолклорот, традицијата, јазикот и историјата како големи духовни вредности. Ова го споменувам намерно, зашто последниве две-три децении токму оваа автентичност е атакувана многустрано до степен на проблематизирање културната матрица и идентитет на Македонците. Како резултат на тоа, се појавија и генерации без чувство за суштина, за содржина, прифаќајќи ја формата и површното за вистинско мерило во современиот живот. Затоа и воопшто не ме зачудува што оние осумдесет и еден „народен пратеник“ на 11.01.2019 г., бесрамно, дрско и надуено притиснаа на копче, гласајќи да се избрише името Република Македонија и да се востанови франкенштајнското име Република Северна Македонија. Наводниците ми се наместо, бидејќи тоа не се повеќе луѓе на народот за да го претставуваат неговиот интерес – последниот референдум само ја обзнани таа дискрепанција! Зборот ми е особено за оние македонски пратеници кои чесноста, посветеноста, ученоста, воспитаноста и родољубието ги фрлија на буниште заради судски процеси против нив или нивни блиски, заради алчност, нечесност, корумираност, лукративност, кариеризам, вообрзеност, страшливост, простотилак и долен карактер. Но, само да ги потсетам дека „парите се отепувачка“! Не, не заборавам да кажам дека овие „типчиња“ се нус појава на актуелниот политички и (не)идејниот колорит и „умствување“ на партиите од кои произлегуваат. Што значи и оние надвор од законодавниот дом – политичари и политиканти, сите, треба да си размислат и да си извлечат наравоучение за „македонцките работи“ и „шчо требит да праиме за однапред?“ За албанските пратеници и политичари нема што да си го арчам зборот, тие се „небески чеда“ и како такви се недопирливи (untouchable) и световно и духовно!
Петочната козерија почна да ја добива својата полнота и со честитките за изгласаното име. Најпрвин од устата на премиерот ја слушнавме честитката за името Република Северна Македонија, а потоа следеа и белосветските политички шутови: Ф.Могерини, Ј.Хан, Ј.Столтенберг, М.Нимиц, С. Курц, Џ.Хант, Џ.Бејли и др. Ни честитате за воспоставениот тоталтарен режим, кој самиот си ја преименува државата!? Срамно и глупаво решение за спор кој требаше да се решава во ООН и без задршки во корист на Република Македонија. Господо, знаеме дека глупавоста е божји дар, но не ја злоупотребувајте! Еден проблем не се решава со создавање на нов и покрупен проблем. Оттука, во право беше италијанскиот историчар М.Девиде кој неодамна истакна дека она што „се прави над Македонија од страна на НАТО и Грција е најлоша форма на фашизам“! А, како врв на сето ова е и германската политика олицетворена во ликот и делото на фрау Анџела Меркел. Последново не е печатна грешка, ако може име на држава да се менува, може и на госпоѓа! Ако нешто беше добро и вредно во германската политика кон Македонија и нејзиниот народ беше амбасадорот Ханс Лотар Штепан кој истакнуваше дека „Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија.“ Овој „духовен воин на Македонија“ кој работаше во полза на македонск0то прашање, остана ненадминат дипломат од ни еден подоцнежен германски претставник. Сè што следеше потоа кон Македонија и нејзините интереси од страна на Германија не емитуваше срдечна политика. Накратко, историската хроника од средината на XIX век, а и во XX век, бележи прилично амбициозни намери на германската политика кон Балканот и при тоа ниту една не завршува добронамерно кон македонскиот народ и неговите интереси! Таков е случајот и сега, германската политика небаре лидер во балканските политички настани застана зад најлошото решение за спорот меѓу Република Македонија и Грција (определувајќи се и прогрчки и проалбански). Германија за цело време го подржува преименувањето на државата на македонскиот народ – победник во антифашистичката борба во Втората светска војна, каква иронија! Така во претходните денови, за време на посетата на Грција, Анџела Меркел уште пред изгласувањето на новото име во македонското собрание, дури три пати во една изјава нè нарече „Северна Македонија“ истакнувајќи дека преименувањето благодарение на Преспанскиот договор е во наша полза, но и „за Грција и за цела Европа“! Штом овој договор е толку добар и би можел да биде „модел и за други можни договори во иднина… без наметнување од едната на другата страна“, топло ѝ го препорачуваме на фрау Анџела и на нејзините соработници да си го применат во однос на нивниот источен сосед – Полска, со која имаат сè уште за што да расправаат!
А, ние Македонците, после црниот петок, остануваме и натаму да се бориме за своите права (како што вели химата), но сега ќе биде многу потешко одошто претходно. Добро е тоа што веќе сме прочистени, без нечесници, предавници – џган. Ќе македонствуваме со мудрост и со упорност прогласувајќи ја МАКЕДОНИЈА за вера и за храм!
Comments are closed for this post.