На првата седница во 2019-та година, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација, во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор, К-15 и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска.
Владата на 114-та седница ја усвои и предлог-програмата за работата на Владата за 2019-та година. Таа е во согласност со Програмата за работа на Владата 2017-2020, како и во согласност со Методологијата за стратешко планирање и подготвување на Годишната програма. Програмата е во функција на остварување на стратешките приоритети и приоритетните цели за 2019 година на Владата на Република Македонија, меѓу кои и членствотото во НАТО и во ЕУ, неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата и рефомри во образованието.
Денеска министрите ја прифатија предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019-та година. Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија.
Олеснување на постапката за трансплантација
Една од одлуките на 114-та владина седница е и предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година. Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување. Понатаму, програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми.
Comments are closed for this post.