Меѓусебни обвинувања и пораки си упатија шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу и министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос.
Министерот за надворешни работи на Турција наведе дека поради Каменос, кој го окарактеризира како „разгалено дете“, може да се случи несреќа во Егејско Море, на што одговори министерот за одбрана на Грција, порачувајќи му Чавушоглу, дека „никој веќе не им се плаши“, јави дописничката на МИА од Атина.
Ја предупредуваме Грција. Имате едно разгалено дете, министерот за одбрана. Велат, тој е нашето разгалено дете. Контролирајте го вашето разгалено дете за да не се предизвика некоја несреќа со вмешаност на нашите безбедносни сили. Ова во реалноста е едно пријателски предупредување, изјавил Чавушоглу, според грчките медиуми, за време на обраќањето пред питомците на академијата за гранични војници.
На тоа, преку неговиот официјален Твитер профил одговори министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос.
Господине Чавушоглу, ви благодарам за вашите новогодишни заканувачки изјави. Тоа е подарок дека добро си ја работам мојата работа. Грција ќе продолжи со оваа работа, стремејќи се кон мир, бранејќи го нејзиниот суверенитет и градејќи силни сојузништва. Веќе никој не ви се плаши, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил.
Извори од грчкото МНР, коментирајќи ја изјавата на Чавушоглу, за „Катимерини“ истакнаа дека личните навредливи карактеристики што се однесуваат на министерот за одбрана, единствено што демонстрираат е недостиг на правни аргументи на турската страна, која продолжува да ја поткопува стабилноста и безбедноста и останува на маргините на меѓународното право.
Comments are closed for this post.