Зделката за „Телеком Албанија“ е пред финализација и тоа со бугарскиот кандидат од вкупно четворицата учесници, што дадоа понуди, пишува софиски „Капитал“.
Се очекува зделката да биде завршена за неколку дена. Финансирањето е договорено со бугарската филијала на Прва инвестициона банка, а цената изнесува 50 милиони евра.
Новина е што најголемиот акционер во Бугарската телекомуникациона компанија (БТК) или „Виваком“, Спас Русев, ги разгледува и македонскиот и романскиот оператор на Дојче телеком, по неговото повлекување од регионот. Втората новина е што Русев не учествува сам во зделката, туку заедно со Елвин Гури, албански претприемач и инвеститор, кој повеќе од 15 години живее и работи во Бугарија.
Продажбата на вториот по големина телеком во Албанија, кој има 1,8 милиони претплатници, беше објавена во октомври и привлече понуди на четворица купувачи. Тоа беа турскиот „Игл мобил“, грчки конзорциум зак кој стоело влијателното семејство Вардинојанис, бугарскиот БТК, како и државниот Телеком Србија, кој во последен момент се пријавил за трката и понудил највисока цена од 61 милиони евра, но предизвикал стравување за националната безбедност.
Според софиски „Капитал“, цената на бугарскиот кандидат била пониска од таа на српскиот. Прогнозите за годинешните финансиски резултати на „Телеком Албанија“ се бруто приходи од 69 милиони евра, што нема да биде доволно за добивка. Операторот со години има негативни финансиски резултати заради ниските цени на телекомуникациските услуги во Албанија. Средната цена на минута разговор во албанските мобилни мрежи е 0,024 евроценти со ДДВ, а месечно потрошувачите плаќаат сметки од по четири евра. „Телеком Албанија“ беше во портфолиото на грчката ОТЕ, но по глобалната финансиска криза во 2009 година, компанијата беше купена од Дојче телеком, кој е и актуелниот сопственик на операторот.
Според информациите на „Капитал“, Дојче телеком подготвува напуштање и на други нестратешки активи во телекомуникацискиот бизнис во регионот, како што се македонскиот и романскиот телеком. Тука интересот на Спас Русев е повеќе индивидуален.
Comments are closed for this post.