Со помош на посебни технички уреди и опрема, новата Агенција за внатрешно разузнавање ќе може да ја спроведува мерката за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации, утврдена со Закон за следење на комуникациите, без посредство на ОТА и операторите.
Ова се предвидува со Предлог-законот за Агенцијата за внатрешно разузнавање, што на својата веб-страна го објави МВР, во делот за методите, средствата и мерките за работа.
Користењето на посебните технички уреди и опрема за снимање на телефонските разговори и другите електронски комуникации, без посредство на ОТА и операторите, ќе може да се врши само кога технички ќе биде невозможно следење и снимање на содржината комуникациите без нивна употреба. И за тоа ќе биде неопходна посебна судска наредба.
Техничките уреди и опремата ќе се чуваат во Агенцијата и за нив ќе се изготвува посебен преглед со нивна спецификација, што редовно ќе се ажурира, и за тоа ќе се известува државниот јавен обвинител во рок од 15 дена.
Овластените службени лица на Агенцијата не смеат да имаат техничка или било каква друга можност за измена и бришење на податоците од посебните технички уреди и опрема. Веднаш по добивањето на судската наредба за спроведување на мерката, овластеното службено лице на Агенцијата, приложувајќи ја наредбата, ќе може од својот колега надлежен за чување на уредите и опремата да ги преземе. А, по завршувањето на предвиденото време за спроведување на мерката, истите ќе треба веднаш да ги врати. За сето ова ќе се води и посебен регистар.
Државниот јавен обинител ќе може во било кое време да побара од овластеното службено лице на Агенцијата да слуша или преслуша разговор, што е предмет на мерката, да изврши увид во содржината и податоците поврзани со следената комуникација, како и во записите што се изготвени во писмена форма за користењето на уредите и опремата, но и во оние што автоматски се креираат во самите уреди и опрема.
Спецификацијата и техничките карактеристики на техничките уреди и опрема, како и начинот на чување и ракување со нив ги утврдува директорот на Агенцијата со подзаконски пропис.
Comments are closed for this post.