Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска имаше средба со грчкиот европратеник Стелиос Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година Видет Бушамауи.
Џафери ја поздрави причината и целта на нивната посета, кои се остваруваат во вистински момент кога во Собранието се во тек активности за заокружување на започнатите процеси за евроатланска интеграција на земјата, а тоа е номинацијата на премиерите Заев и Цирпас за Нобелова награда за мир.
Како што соопшти собраниската прес-служба, тој истакна дека и покрај одличните економски односи меѓу двете земји, со оглед на фактот што Грција е четврти најголем инвеститор во Македонија, сепак, отворените политички прашања негативно се одразиле на политичките билатерални односи досега и тоа само докажало дека отворените прашања, доколку се остават нерешени подолг период, генерираат пречки.
Претседателот на Собранието ги информираше присутните за реформските процеси од Планот 18 и за претстојниот пакет на закони за донесување во доменот на судството, безбедносниот сектор и администрацијата, како дел од предусловите за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија.
Џафери изрази надеж дека по реализацијата на потребните процедури во двата парламента, повторно ќе има средба со својот колега Вуцис, за конкретизирање на идната билатерална соработка на сите нивоа, и дека ваквите чекори ќе придонесат за мир и стабилност на целиот регион и ќе служат како пример, особено во контекст на актуелните случувања во соседството.
Бушамауи изрази поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и ги пофали напорите на двете страни за избегнување конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог.
Таа ја потенцираше важноста двата парламенти да ги завршат започнатите активности, бидејќи овој модел е високо ценет од меѓународната заедница и истиот треба да служи како инспиративна лекција за целиот регион.
Европратеникот Стелиос Кулоглу ја повтори поддршката на сите политички партии во Европскиот парламент за Договорот од Преспа, за кој што нагласи дека беше потребна политичка храброст, и покрај блокадите во двете држави од одредени политички партии.
Во однос на ратификацијата од страна на грчкиот Парламент, тој потенцираше дека процедурата ќе биде завршена во рок од неколку дена, веднаш по завршувањето на процедурата во Собранието на Република Македонија, со што ќе може да се деблокираат процесите за евроатланска интеграција на земјата.
На средбата присуствуваше и ректорот на Универзитетот ФОН и поранешен амбасадор на Република Македонија, проф. д-р Нано Ружин
Comments are closed for this post.