Здравствениот систем во Република Македонија континуирано се руинира, а здравствените работници се деградирани и понижувани, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што истакна Марија Андоновска, повеќе од очигледно е дека надлежните во власта не се свесни за значењето на јавното здравство во една држава и затоа ги ставаат инвестициите во приватниот здравствен сектор, а во континуитет го уништуваат јавното здравство и ги понижуваат здравствените работници.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дек нема никаква реализација од најавуваните проекти за подобрување на здравствениот систем, а единствено има зајакнување на приватните здравствени болници. Како што истакна Андоновска, такви се идеите за давање под концесија на трансплантацијата на органи, префрлување на Детската кардиохирургија во приватна клиника, физибилити студија за да се приватизира Итната медицинска помош.
Јавно го повикуваме министерот Филипче и премиерот Заев, да стават мораториум на сите проекти за т.н. јавно приватно партнерство и приватизација на здравствениот систем, а особено приватизација на трансплантацијата.
Постои голем ризик доколку оваа метода се префрли во приватните болници да дојде до појава на криминализација на постапката и постои голем ризик Македонија да биде ставена во групата на земји каде што се врши продажба на органи.
На ваквите обвинувања стигна одговор од СДСМ. Од владејачката партија велат дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не знае како е да се работи во интерес на граѓаните и затоа во се гледа можности за криминал, провизии и лично богатење. Како што се наведува во соопштението на СДСМ, бизнис интересите и тендер политиките што ВМРО-ДПМНЕ со години ги спроведуваше во здравството резултирале со урнисан здравствен систем, погазени права на пациентите и незадоволни лекари кои масовно го напуштаа јавното здравство.
ВМРО-ДПМНЕ треба да сфати дека заврши времето на договорени тендери, на договори во четири очи и системско уништување на здравствениот систем. Денес Владата предводена од СДСМ и Министерството за здравство го рехабилитираат здравствениот систем во интерес на граѓаните и лекарите.
Во таа насока е и договорот за јавно-приватно партнерство за детската кардиохиругија преку кој децата, пациетните и родителите веднаш ќе добијат подобра здравствена услуга, без да плаќаат дополнително, без нови трошоци. Со тоа, подобра услуга е ставена на располагање на оние на кои им е најпотребна – се наведува во соопштението на СДСМ.
Comments are closed for this post.