Македонските граѓани со воз до Софија ќе може да патуваат дури во 2027 година. Тогаш ќе биде ставена во функција железничката пруга. До 2025 година ќе биде завршена пругата до бугарска граница, но пругата од бугарска страна е договорено да биде завршена до 2027 година. Ова го истакна денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски по потпишувањето на договорот за грант во висина од 68,6 милиони евра за изградба на втората фаза од проектот, односно изградба на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Вкупната инвестициска вредност за оваа фаза изнесува 147 милиони евра , од кои 70 милиони евра се неповратни од грант од ЕУ, а останатите од заем од ЕБОР.
Последниот дел од пругата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир со Бугарија како дел од третата фаза на пругата за Бугарија треба да биде завршен до 2025 година. Овој дел од пругата е најкомпликуван и ќе чини 350 милиони евра. Досега се обезбедени 60 милиони евра од Европската унија, а Министерството за финансии веќе работи на обезбедување на преостанатиот дел од парите – рече Сугарески.
Ова е најголем инвестициски грант кој и е доделен на Македонија за инфраструктурен проект изјави министерот за финансии Драган Тевдовски по потпишувањето на Договорот.
Со влегувањето на овие средства во финансиската конструкција за делницата Бељаковце – Крива Паланка, имаме повеќе придобивки. Прво се намалува каматниот трошок на земјата. Со склучувањето на договорот за грант ќе се овозможи намалување на заемот доделен од ЕБОР за втората фаза, кој е во износ од 145 милиони евра. Второ, се остава повеќе фискален простор, односно е во насока на добро менаџирање со јавниот долг. Трето, кога ќе се ефектуира грантот, тој ќе биде значајна инјекција во македонското стопанство, потенцира Тевдовски.
Проектот за доизградба на железничкиот Коридор VIII има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Со воспоставување на овој Коридор ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, подобрување на конкурентноста, развој на економијата и комуникацијата со европските земји.
Подобрената поврзаност е преодна фаза кон заедничка иднина. По завршувањето на проектот, жителите на двата главни града Скопје и Софија ќе може да ја минуваат раздалечината меѓу нив со воз. Транспортот на добра ќе биде поефтин и полесен. Ова ќе доведе до поголема поврзаност меѓу овие две држави како и меѓу сите земји долж коридорот VIII, постојните и идните земји членки на ЕУ, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Досега ЕУ има доделено 220 милиони евра за секторот транспорт во Македонија.
Со денешното потпишување на овој Договор во износ од 68,6 милиони евра се дополнуваатпостојните заеми од ЕБРД за фаза 1 и фаза 2 од Проектот за рехабилитација и доизградба на железничката пруга долж Коридор 8, чиј вкупен износ е повеќе од 190 милиони евра. Со овој грант се кофинансира фаза 2, делницата помеѓу Бељаковце и Крива Паланка. Дополнителни грант средства во вкупен износ од 5,7 милион евра беа обезбедени од Инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот, информира Анка Јоанеску, директор на канцеларијата на ЕБОР.
Македонскиот дел од железницата со Бугарија опфаќа изградба на три делници, Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар и вредност од 46 милиони евра. Средствата се обезбедени од ЕБОР, а рокот е до 2020 година.
Бељаковце-Крива Паланка е со должина од 32 километри.
Третиот дел е од Крива Паланка до Деве Баир со должина од 23 километри. Поврзувањето со бугарската страна треба да биде со изградба на тунел во должина од 2.400 метри на граничниот премин Деве Баир.
Comments are closed for this post.