На ден кога во светот се одбележува Меѓународниот ден на човековите права, од СДСМ се пофалија дека дале придонес за заштитата на човековите права, за враќањето на слободата, демократијата и еднаквоста во општеството. Како што истакна портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, од заробена држава, симбол за масовна злоупотреба и газење на основните човекови права, во која се случи масовно нелегално прислушување, монтирани судски процеси, уценети и заплашени медиуми и новинари, системски погазани права и слободи, денес Македонија е слободна држава во која се почитуваат и унапредуваат човековите права и слободи.
Реформата во безбедносните институции обезбедени преку Собранието и надлежните инстицуции, формирањето на новата Оперативно-техничка агенција, е гарант дека заврши времето на нелегално следење на комуникациите на граѓаните.
Заврши времето на едно системско прекршување на приватноста и основните човекови права и слободи.
Во тек се реформи во правосудството, за еднаков пристап до правда, се гарантираат човековите права и слободи во институциите и во судскиот систем. Се унапредува и заштитува презумпцијата на невиност, а Македонија веќе не е земја на полициска тортура – изјави Костадинов.
Партискиот портпарол додаде и дека е подготвен новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација којшто ќе обезбеди принцип на еднаквост во заштитата од дисриминација.
Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и за него е добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија и од граѓанските организации – посочи Костадинов.
Comments are closed for this post.