Академици, професори, експерти, се погласно предлагаат начин на кој би можело да се заобиколи претседателот, Ѓорѓе Иванов во врска со Договорот од Преспа и уставните измени кои се во тек.
Откако стана јавно дека Иванов ќе остане на претходниот став дека нема да го потпише Указот со кој договорот би можел да стапи во сила, професорот Светомир Шкариќ излезе со предлог Договорот од Преспа да стане уставна категорија и на тој начин би се избегнал спорот кој Собранието го има со шефот на државата.
Конкретно, Шкариќ го предлага амандманот 37 со кој договорот треба да биде составен дел од Уставот, односно со добивање на уставен статус, уставниот договор влегува во сила во ист момент кога амандманите ќе бидат прогласени, односно влегува во сила од моментот кога Грција ќе го ратификува договорот и протоколот за НАТО.
Влегува во сила и немаме веќе конфликт помеѓу овие два централни државни органи – смета професорот.
Со сличен став е и академикот Владо Камбовски. Според него, уставниот закон ќе содржи посебна одредба според која договорот станува составен дел на домашниот правен поредок по прогласувањето на уставните амандмани и нивното стапување во сила со потпишување на законот за ратификација на договорот од страна на претседателот на Собранието, наместо од Претседателот на државата.
Уставниот закон би требало да ја исклучи надлежноста на Уставниот суд да ја оценува согласноста на Договорот со Уставот на Република Македонија – предлага Камбовски.
Собранието досега два пати го усвојуваше Договорот со Грција, но Иванов остана на ставот дека тој нема да стави указ, а со тоа нема да може да се објави во Службен весник и да стапи во сила.
Во писмото што Иванов го испрати до Собранието во кое образложува зошто нема да го потпише договорот, тој нагласува дека немал мандат за тоа, затоа што во изборната програма навел дека нема да прифати промена на Уставот заради промена на уставното име и не прифаќа идеи, кои според него, го загрозуваат македонскиот национален идентитет.
Во вчерашното обраќање, шефот на државата, на прашањето дали се кае што му го дал мандатот на Зоран Заев, Иванов нагласи дека гаранциите ги активирал за законот за јазици и за договорот со Грција.
Comments are closed for this post.