Деновиве почина еден од најзначаните македонски писатели на драма, великиот мајстор на пишаниот збор, Горан Стефановски. Неговите дела го отсликуваат нашиот менталитет до најдлабока срж. Еден од неговите најдобри цитати деновиве ми направи најмногу впечаток: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Овој негов цитат е многу актуелен. Некако се обидуваме да работиме на иднината, но дали реално работиме. Некако, како повеќе да се занимаваме со минатото. А, пак, сегашноста, ептен ја баталивме.
Македонија е најзагадена земја во Европа. Овој наслов се појави по медиумите. Зарем ова е вистина? Ете пред некој ден слушнавме од министерот за животна средина, којшто не се занимава со граѓаните, убаво си кажа дека Македонија не е Швајцарија. Еурека за министерот за животна средина. Па, такви ги имаме генијалци како министерот за животна средина на клучни функции, кадешто се носат битни одлуки и се креираат политики што влијаат на нашата иднина. Ете, од такви кадри некадарни ни зависи тоа, какви мерки ќе преземеме за тоа, каков воздух ќе дишеме и ние и нашите деца. Па, до кога ќе дозволуваме да бираме некадарни лидери и политичари што ќе се однесуваат како да се рок ѕвезди. Најверојатно до моментот кога ќе се задушиме во загадениот воздух кој самите го засмрдуваме.
Ете од власта на ѓоамити се трудат нешто да направат, па заменик министерот за животна средина одговараше на социјалните медиуми на прашања во врска со аерозагадувањето. Ете, дури и градоначалникот на главниот град го кандидира Скопје за најзелен град во Европа. Амбициозно. Ајде ќе видиме колку ќе биде зелено. Можеби градските власти ќе го офарбаат главниот град со зелена боја. Видовме дека ги бива за фарбање. И со боја, и со лаги и празни ветувања. Едноставно им оди од рака. Ги бива.
И додека во светот се прават стратегии за почиста околина и одржив развој, кај нас се занимаваме со минатото и ставаме некадарни креатори на битни одлуки и политики. Ете од такви си патиме. Од фарбачи си патиме што се на клучни позиции и токму заради својата неспособност креираат ефтини решенија и со тоа се обидуваат да не замајат. Мислам дека е редно да се свестиме и поздраво да поработиме, најпрво на самите себе и сопствената свест дека од нас зависи во каква околина и држава сакаме да живееме. Ако продолжиме да бидеме незаинтересирани кон самите себе, тогаш сеуште ќе не водат неспособни и некадарни. Тоа нема да трае до бескрај, бидејќи ќе започнеме да пливаме во сопствените г***а.
И така ќе продолжиме да рушиме рекорди за најзагадени и да бидеме на прво место, не само во Европа, а богами и во светот. Ако продолжиме да глумиме лудило, и останеме апатични и летаргични кон себе и другите, тогаш на сигурен пат сме да станеме и најнеписмени. Е, дури тогаш ќе се претвориме во вистинско тесто во рацете на неспособните и некадарни политичари. Ајде веќе еднаш да се освестиме и да научиме од грешките во минатото. И да почнеме да работиме во сегашноста за целите на иднината.
Comments are closed for this post.