Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, заедно со градоначалникот на општина „Ѓорче Петров“, Александар Наумоски денеска информираа за дел од мерките кои Општината ги презема за почиста животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот, согласно со Планот за чист воздух, кој е стратешки приоритет на Владата.
Денешната посета на општината има два повода, едниот е акцијата што „Комунална хигиена“ ја прави со основните и средните училишта, за едукација на децата за рециклирање на отпадот, на хартијата, истакна заменик-министерот Макрадули.
Дополнително, тој информираше дека во рамки на Планот за чист воздух, кој е стратешки приоритет на Владата, започнати се подготовки за промена на начинот на затоплување на две основни училишта во оваа општина, ОУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ и ОУ „Тихомир Милошевски“.
Во рамки на Планот за чист воздух, во партнерски однос со деловната заедница интервенираме и ќе ја замениме нафтата како извор на затоплување со еколошки извор на затоплување, рече заменик-министерот Макрадули, потенцирајќи дека овие две училишта ќе бидат опфатени со активностите за 2019 година.
Градоначалникот Наумоски одговарајќи на новинарско прашање за идните планови, подвлече дека досега општината немала ниту еден проект за енергетска ефикасност, посебно во однос на заштитата на најранливата категорија, децата и учениците.
Comments are closed for this post.