Инвестициите во патната и железничката мрежа на коридорите 8 и 10 се реализираат забрзано, Македонија бележи раст на економијата, цената на горивото е убедливо најниска не само во целиот регион туку во цела Европа. Владата продолжува да го стимулира извозот зашто тоа е прв приоритет за домашната економија – рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на форумот за глобална трговија и раст 2026, што го организира Швајцарската комора на Македонија.

Како што истакна Николоски, извозот е приоритет зашто доколку се ограничиме само на домашниот пазар, тогаш би биле далеку и од ова ниво на економски раст што го имаме сега.

Извозот е број еден приоритет за домашната економија, нешто што многу го стимулираме, го поддржуваме како Влада. Драго ми е дека расте, драго ми е дека странските компании што имаат инвестирано продолжуваат да растат. Исто така, доаѓаат и нови компании што сакаат да инвестираат, но она што ми е исто така особено драго е што домашните компании сè повеќе излегуваат на странскиот пазар. Очекувам далеку повеќе да растеме во следниот период – потенцира Николоски.

Според него, цената на железничките услуги што ги даваат „Македонски железници – Транспорт“ исто така се најевтини и најконкурентни во регионот.

Мислам дека наша задача во следниот период ќе биде да ги одржиме овие цени имајќи ги предвид глобалните предизвици – рече Николоски.

Владата, додаде, останува силно посветена на поддршка на домашните, но и на странските компании.

Николоски укажа дека дополнително треба да се работи на стандардизација за да се подигне нивното на конкуретност на странските пазари.