Колку неработните денови влијаат врз организацијата на производството и врз трошоците на компаниите. Ова тема ја отвори Стопанската и можеби е легитимна тема, но решението што го предлага отвора многу посериозни прашања од едноставното броење работни и неработни денови.

Според предлогот, бројот на неработни денови практично би се свел на 13: единаесет празници што важат за сите граѓани и уште два што работникот би ги избрал од групата верски и етнички празници. Истовремено, празникот што паѓа во недела повеќе не би се префрлал во понеделник.

На прв поглед, ова може да изгледа како едноставна рационализација на календарот. Но што точно ќе треба да направи работникот при засновањето на работниот однос? Да му соопшти на работодавачот дали ќе ги користи Бадник, Водици, Велики петок, Духовден или Успение на Пресвета Богородица? Да избере меѓу Свети Сава, Меѓународниот ден на Ромите, Денот на албанската азбука или Меѓународниот ден на Бошњаците?

Верата и етничката припадност не се графа во формулар за вработување. Верското уверување е чувствителен личен податок, кој колку за информација на Стопанската Комора подлежи на посебна законска заштита. Дури и кога работодавачот директно не прашува „која вера сте“, изборот на конкретен верски празник може да ја открие или барем да ја посочи верската припадност на работникот. Зошто таквата информација треба да се дава при склучување договор за вработување, кој ќе има пристап до неа, колку долго ќе се чува и дали работникот ќе може подоцна да го промени изборот? Уште поважно, може ли тој избор, свесно или несвесно, да влијае врз одлуката за неговото вработување?

Уставно признати заедници, а не вишок во календарот

Србите, Ромите и Бошњаците, заедно со Албанците, Турците и Власите, се изречно наведени во Преамбулата на Уставот. Уставот го гарантира правото на припадниците на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет, како и заштитата на нивниот етнички, културен, јазичен и верски идентитет. Затоа Свети Сава, Меѓународниот ден на Ромите или Меѓународниот ден на Бошњаците не се некакви случајни привилегии што можат да се избришат само затоа што му создаваат организациска тешкотија на некој работодавач. Тие се дел од начинот на кој државата ги признава и почитува заедниците што живеат во неа.

Секако, мора да се разликува слободата да се слави еден празник од законското право тој ден да биде платен како неработен. Државата го уредува бројот на платени неработни денови и Собранието може да го менува Законот за празниците. Но секое намалување на постојните права мора да има сериозно образложение, да биде пропорционално и да не создава нова дискриминација под изговор дека ја отстранува старата нееднаквост.

Никој, пак, не може да му определи на граѓанинот колку верски празници смее да слави. Верата не е мени од кое при вработувањето треба да се изберат две ставки што работодавачот ќе ги признае како „доволни“. Нема да бираат бифтек или мелено месо од менито на кујната, туку работниците ќе треба да бираат на кој празник ќе му дадат значење, а на кој ќе ја свиткаат опашката и ќе „придонесуваат за економијата во државата“.

Зошто таа некоја нееднаквост на неработни денови меѓу припадниците на различните заедници, мора да значи дека на сите треба да им се даде помалку? Зошто некому да му образложувам зошто определен датум ми е важен? Која е оправданоста за овие лудории?!

Дали навистина имаме премногу празници?

Иако се претставува некоја слика дека Македонија има дваесетина празници што ги користи секој вработен, тоа едноставно не е точно. Единаесет неработни денови важат за сите граѓани. Другите важат само за припадници на определена верска или етничка заедница и не можат сите да се соберат и да се претстават како одмор што го користи секој работник.

И самата анализа на Комората покажува дека во речиси 70 проценти од разгледаните европски држави бројот на празници се движи меѓу 11 и 14. Тоа значи дека со 11 празници за сите граѓани Македонија не е европски исклучок, туку се наоѓа на долната граница на опсегот што Комората го посочува како вообичаен.

Ниту споредбата со регионот не покажува дека драстично отскокнуваме. Хрватска има 14 празници и неработни денови, Албанија 15 официјални празници, а Бугарија има околу 14 и ги префрла празниците што паѓаат за време на викенд. Србија, покрај другото, има два дена за Нова година, повеќедневни велигденски празници и два дена за Денот на државноста.

Затоа не е доволно да се каже дека „Европа има помалку празници“. Треба да се споредуваат исти категории: празници за сите, посебни празници за заедниците, годишен одмор, должина на работната недела, прекувремена работа, плати и почитување на правото на зголемена дневница за работа на празник. И на крајот на денот Европа има многу повеќе, европските граѓани добиваат многу повеќе. Не може европскиот стандард да се бара само кога треба да се скрати неработен ден, а да се заборави кога треба да се плати работникот.

Еден работен ден повеќе не значи автоматски поголема продуктивност

Компаниите што работат во континуиран производствен процес несомнено можат да имаат дополнителни трошоци поради прекин на производството или поради исплата на празнична дневница. Но дополнителен работен ден не значи автоматски и еднаков раст на економијата. Дел од производството може да се надомести во други денови, додека за трговијата, угостителството, транспортот, туризмот и забавата празникот не е загуба. Напротив, тоа е ден кога газдите тријат раце затоа што тогаш имаат можност за поголема заработка.

Искуствата од други држави покажуваат дека ефектот врз БДП може да биде минимален. По укинувањето на еден празник во Данска, проценетиот ефект врз БДП се движел меѓу 0,01 и 0,06 проценти. Француските проценки за слична мерка исто така покажале многу мало потенцијално зголемување.

Затоа, пред да им се скратат права на сите работници, Комората треба да понуди македонска пресметка: колку точно губи индустријата, колку добиваат туризмот, угостителството и трговијата, колкав дел од производството се надоместува и колкав би бил реалниот ефект врз БДП.

Работните денови се бројат во календарот. Продуктивноста се создава со технологија, организација, знаење, инвестиции и мотивирани работници. Оставете ги работниците да имаат време кое ќе го поминат со своето семејство, со своите најблиски, време да создадат спомени.

Ако граѓаните одат во Грција, да им го укинеме слободниот ден?

Најсмешен се чини е аргументот дека продолжените викенди создаваат одлив на пари затоа што граѓаните патуваат и трошат во странство. Најголем проблем на Комората и е Грција. Да, дел од граѓаните заминуваат надвор и таму трошат пари. Но други ги посетуваат Охрид, Дојран, Берово, Крушево, Маврово или некое македонско село. Се полнат рестораните, хотелите и излетничките места. Се купуваат храна за семејни ручеци, гориво, подароци, облека и други производи. Едноставно празничната потрошувачка не исчезнува – таа се пренасочува од еден сектор во друг.

Ако домашните туристички центри не успеваат да привлечат поголем дел од таа потрошувачка, тогаш да се свртиме кон нив, да најдеме решение за подобра понуда и развој на домашниот туризам. Не да го затвораме луѓето дома/ Не може економската политика да се сведе на логиката: да му го укинеме слободниот ден на граѓанинот за да нема кога да оди во Грција. Па дај да ги затвориме границите и да си седиме сите дома. И годишниот одмор да им го земеме ако не го користат на планините и езерата во Македонија.

Стопанската комора има право да отвори дебата за трошоците што празниците им ги создаваат на компаниите. Но нема право верскиот и културниот идентитет, семејното време и одморот на работниците да ги третира само како трошок што треба да се оптимизира.

Пред да се брои колку денови ќе му бидат одземени на работникот, нека се пресмета колкава економска корист навистина ќе се добие. Во спротивно, ќе остане впечатокот дека под изговорот „поголема продуктивност“ повторно се бара најлесното решение: работникот да работи повеќе, без гаранција дека ќе произведува повеќе, ќе биде подобро платен или ќе живее подобро.

На крајот, животот не се мери само со работните часови, профитот и заработката, туку со спомените што ги создаваме со најблиските, со миговите на радост и со чувството дека, покрај тоа што работиме, навистина и живееме.

Билјана Бабиќ