Во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на докази од одбраната. 

На минатото рочиште заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. Изведени беа 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица. 

Одбраната, како што е најавено, има предложено 244 сведоци. 

Притворот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко законски истекува на 3 октомври, а одбраната веќе најави дека ќе поднесе гаранција во имот од речиси 200 илјади евра, иако тоа не е задолжително. 

Судот, како што посочија на вчера на брифинг во Кривичен, без мислење од Обвинителството не може да донесе одлука. 

– До денеска не се вратени од ОЈО. Нема мислење и ние не можеме да одлучиме. На 3 октомври истекува. Ќе почекаме до петок – информираа на брифинг во Кривичниот суд.