Водоводните системи не треба да ги обезбедува, ниту Армијата, ниту Полицијата, секоја институцијата што е надлежна за овие системи во рамки на општините е должна да ги извршува задачите и надлежностите, што и се пропишани согласно регулативата, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, каде ги презентира најновите информации за состојбата на водата од гостиварскиот водовод, при што информира дека водата може да се користи како техничка, но не и за пиење, ниту пак за подготвување храна.
Тошковски, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека треба да се зајакне обезбедувањето на водоводот со почести полициски контроли, или пак дури и со вклучување на Армијата, нешто што предложи опозицијата, рече дека војската според него не треба да се вклучува во обезбедување на водоводни системи, особено не во мирнодопски услови.
Дали лично сметам дека војската треба да ги обезбедува водоводните системи? Не, не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови. Така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми – истакна Тошковски.
На опозицијата и препорача наместо да ја вжештува атмосферата кај граѓаните, да се фокусира на активности кои се за доброто на граѓаните.
А на опозицијата би ѝ препорачал, наместо да ја зоврива атмосферата кај граѓаните, наместо да предизвикува хистерија и да се насочува кон уривање на сè што е видливо за граѓаните, а тоа е дека оваа Влада навистина прави максимум со она што го затекна, да се фокусира на доброто на граѓаните – но искрено, не со хистерија. Зошто? Затоа што дали на вонредни избори, дали на редовни, граѓаните се мудри, гледаат што се случува и ќе ги остават таму каде што се моментално уште многу години, ако продолжат вака. Тоа е еден добронамерен совет од мене до опозицијата – рече Тошковски.
За зајакнување на полициско присуство, рече дека смета оти полицајците треба да се присутни на терен и се присутни, но дека нивна задача не е обезбедување на водоводните мрежи.
Дали треба да бидат присутни на терен? Да, и се присутни. Дали полициските службеници треба да ги обезбедуваат водоводните мрежи низ државата? Не. Тоа е надлежност на други институции и тие се должни, повторно ќе кажам, да ги преземат своите законски надлежности и да постапуваат во рамките на регулативата што им е утврдена – изјави министерот.
Тошковски истакна дека долг временски период наназад, ниту се вложувало, ниту се инвестирало, ниту оние што ги менаџирале институциите, не се посветиле на решавање на проблемите на граѓаните.
Тоа е факт. Поради тоа сме во состојбата во која сме моментално. Но, факт е и дека секогаш ќе има предизвици пред нас и секогаш ќе треба да најдеме најсоодветен начин за да одговориме на највисоко професионално ниво на сите проблеми што ќе се појават – изјави Тошковски.
Во врска со тоа дали истрагата се проширува на нови осомничени, Тошковски нагласи дека континуирано се работи во тој дел и се постапува по насоки на Обвинителството, а кога ќе има нови моменти, што може да ги соопшти во јавноста, тоа и ќе го стори.







Comments are closed for this post.