– Сенаторот Ренд Пол, по сослушувањето во Комитетот за внатрешна безбедност, на кое се појави соработник на ЦИА, проговори за она што според него претставува систематско прикривање на вистината за потеклото на ковид-19 гостувајќи во поткастот на Мат Кибе (либертаријанскиот активист, економист и политички коментатор).
Според Пол (американски политичар, кој и самиот е лекар, а од 2011 година и сенатор во американскиот Сенат претставувајќи ја државата Кентаки како член на Републиканската партија), експертите од ЦИА биле речиси едногласни дека вирусот на ковид-19 потекнува од лабораторија. „Шест од седум научници што беа експерти во оваа област рекле дека доаѓа од лабораторија“, изјави тој додавајќи дека нивните заклучоци биле надгласани по доаѓањето на Ентони Фаучи во 2020 година. „Го донеле Ентони Фаучи и во основа неговото мислење го зеле пред она на нивните научници“.
За мотивите зад прикривањето, Пол не зборува за класична заговор, туку за приближување интереси и повикувајќи се на Џорџ Карлин, вели: „Не ви треба заговор за да објасните нешто во кое интересите се совпаѓаат“. Суштината на работата, според него, е проста: „Сакале да ги покријат трагите затоа што ја финансирале оваа опасна работа“, односно gain of function истражувањето во Вухан.
Но, она што го изненадило најмногу е обемот на Фаучиевото влијание надвор од неговата надлежност. „Шокантната работа беше колкава моќ имал Ентони Фаучи, дури и во ЦИА. Ова не е НИХ (Национален институт за здравје). Ова е ЦИА, на која Фаучи влијаел“.
Пол се осврна и на институционалната блокада со која се соочува истрагата. Конгресот изгласал закон со кој администрацијата се обврзува да ги објави сите информации поврзани со ковидот и добиле писмо од пет страници. „Тоа е навреда, шлаканица“, коментира Пол. Агенциите, вели тој, одговараат по три месеци со она што тој го нарекува одговор – неодговор, т.е. „одговараат со разни глупости, но не ви даваат никакви информации“.
Меѓутоа, потенцира сенаторот, „ако сите заклучиле дека е лабораторија, како тогаш јавно сите сè уште велат дека е од природата?“ Дел од одговорот, според него, лежи директно кај Фаучи: „Тој ја нарачал статијата, помогнал да се напише и помогнал да се уреди. А потоа тој нарачува и ги пишува разузнавачките извештаи“. Паралелата што Пол ја повлекува е следна: „Единствениот споредлив со Ентони Фаучи веројатно би бил Едгар Хувер поради долговечноста и количината моќ што ја акумулирал“. (Хувер е директорот на ЦИА по Втората светска војна за кого дури и Чарли Чаплин бил комунистичка опасност).
Тој ги споменува и авторите на студијата „Проксимално потекло“, која Фаучи ја нарачал и уредувал. „Барем еден од нив доби грант од девет милиони долари“, вели Пол. „Го имаме на телефон како вели: ‘Изгледа дека е генетски конструиран. Изгледа дека имаме вирус што можел да дојде од лабораторија’. А три дена подоцна тој работи на труд за да каже, дефинитивно, дека не можело да дојде од лабораторија. А еден-два месеци подоцна добива грант од девет милиони долари“.

Ренд Пол го смета за еден од клучните пропусти, слепата доверба во кинеските лаборатории што се поврзуваат со воени активности. Па, така, истражувајќи, тој открил нешто што тешко може да се игнорира: „Не може да сте ѕвезда како кинески научник ако не сте член на партијата, а често сте и член на војската“. Уште поиндикативно според него е брзината со која Кина развила вакцина. „Тие се обидоа да развијат вакцина рано и завршија со неа до февруари 2020 година“. Ова, вели Пол, не е случајност: „Мислиме дека тие знаеле уште во октомври дека овој вирус почнал“. Симптоматичен детал, нагласува тој, е и што човекот задолжен за развојот на вакцината бил воено лице. Конкретно, момчето што ја развивало вакцината е генерал со име Зо Еусен.
Пол потоа објаснува како всушност функционира gain of function истражувањето и зошто е толку опасно. Процесот почнува со земање животински вирус што не ги заразува луѓето, па негово инјектирање во глувци со хуманизирани бели дробови. „Можеби еден глушец се разболува и има една варијанта. Тоа е мутација. Но потоа го селектирате тоа. Го наоѓате тој глушец од илјада глувци“. Постапката се повторува циклично: „Го култивирате повторно, го враќате повторно, овој пат можеби петмина се разболуваат“ сè додека вирусот не стане способен да зарази луѓе.
Сенаторот особено го засегнал фактот што западни научници (како Ралф Барик, американски виролог и епидемиолог) активно им помагале на Кинезите во овој процес. Односно, тие им обезбедиле глувци со хуманизирани бели дробови, нешто што тие го немале. Како и тоа зошто на ЦИА ѝ е гајле за врските со кинеската лабораторија, освен ако можеби има други експерименти за кои не се знае? Пол вели дека токму ова се обидува да го извлече од агенцијата – дали постојат класифицирани gain of function експерименти? „Дали се сомневам дека ние сме го правеле тоа во нашите разузнавачки агенции? Да. Дали се сомневам дека има научници што работат директно за нив? Да“. И додава резигнирано: „Дали овие агенции некогаш ќе ни кажат? Не“.
На прашањето за правна одговорност на Фаучи, Пол е директен. Статутот на застареност не е единствената пречка. Вистинскиот проблем според него е поинаков: „Претседателот Бајден со автоматско потпишување го помилува и тоа беше целосно помилување за секое злосторство што можеби го направил во период од десет години. Не знам за друг, освен Хантер Бајден, што бил помилуван за неименувани злосторства“. Сепак, Пол верува дека судот би можел да ја ограничи оваа претседателска моќ: „Дали судот може да пресуди дека не можете да помилувате луѓе за неименувани злосторства? Мислам дека може. Мислам дека тоа би бил еден од најважните случаи“. Покрај тоа, Пол смета дека Фаучи може да биде обвинет и за уништување владини е-пошти. „Тој му праќал е-пошта на Френсис Колинс и велел ‘прочитај го ова и уништи го’“.

Клучна фигура во целата приказна може да биде Дејвид Морен, долгогодишен соработник на Фаучи, веќе обвинет. Според белешките што истрагата ги поседува, Морен им пишувал на колегите: „Не оди директно до Фаучи, мораме да го заштитиме, не сакаме хартиена трага“. Пол коментира со видлива иронија: „Звучи повеќе како мафија отколку научници во нашата влада“. А она што го прави случајот уште поинтересен е реакцијата на самиот Фаучи. Кога бил прашан за Морен, човекот штој му служел дваесет години, рекол дека „едвај го познавал“ и дека „не бил доволно важен за неделните состаноци“.
На прашањето за тоа зошто сè уште нема конкретни резултати, Пол објаснува дека принудното сведочење лесно завршува во ќор-сокак на суд, па наместо тоа, истрагата акумулирала телефонски записи, е-пошти и документи од НИХ. „Главната работа е уништувањето на записите. Тоа е“, вели и додава дека наредната недела се очекува ново објавување материјали.
На забелешката дека извршната наредба на Трамп, која забранува gain of function истражување, можеби е доволна, Пол одговара дека извршните наредби траат само додека трае администрацијата. „Што ако следната администрација назначи ‘клон’ на Ентони Фаучи, кој е 30 години помлад? Тој беше таму толку долго што имаше многу, многу негови луѓе. Десетици и десетици луѓе расфрлани во научната заедница, кои се во основа негови луѓе“. Но и додава дека администрацијата на Трамп направила чекори во вистинската насока, па споделува и еден илустративен детал: сопругата на Фаучи била шеф по етика, па кога требало да се провери дали тој има конфликт на интереси, буквално требало да ја праша неа. „’Еј, душо, можеш ли да влезеш на минута? Дали имам некакви конфликти? Не, душо. Добро си’“. За да се ослободат од неа, на крајот ја преместиле во Ном, Алјаска, и таа се пензионирала тогаш.

Во разговорот со Кибе сенаторот истакнува дека е особено вознемирен и од наодот на поткажувачот дека ЦИА ги шпионирала сопствените истражувачи, кои го проучувале потеклото на вирусот. „Мислев дека е нелегално за ЦИА да шпионира Американци. Иако тоа не е првпат“.
Меѓутоа, според него, суштинскиот проблем е поинаков. Дури и ако успее да добие пристап и да го прочита класифицираните материјали, не смее да каже ништо за нив. „Целиот систем на класификација треба да се промени. Треба да објавиме буквално сè“, заклучува Пол и нагласува дека не станува збор за откривање поединци или методи: „Никогаш не би споменал име, дури не сакам ни да знам како сте го добиле ова”, туку за суштината: „Ако имате извештај што зборува за доказите за тоа од каде дојде коронавирусот и како бил манипулиран, секој треба да го види тоа“.
На прашањето, пак, дали демократијата сè уште функционира, сенаторот одговара без лажен оптимизам: „Мислам дека тајната моќ се разузнавачките агенции“. Тој исто така инсистира и на законот за хонорари. Всушност, барање владините научници јавно да ги откријат приходите од фармацевтската индустрија. „Добив секој републиканец да се согласи. Ми останаа двајца демократи“, вели тој и појаснува: „Ако успее, тоа би бил пробив.Тоа е само барање за известување, ќе кажете ‘не е голема работа’, но тоа е пробив за нас што не сакаме т.н. голема фарма (фармацевтската индустрија) да влијае кои вакцини се одобруваат и дали сме принудени да ги земеме“.
На крајот од неговото гостување во поткастот тој инсистира дека мора да им се помага на луѓето да не заборават кога им беше забрането да одат во ресторани, сали за вежбање, цркви. Односно, потсетува дека мерките на Фаучи не биле засновани на наука: „Два метри растојание немаше никаква смисла. Маските навистина не ги запираат респираторните вируси“.
Сепак, Пол е далеку од тоа да ги отфрли сериозните пандемиски закани: „Ако дојде нешто со пет отсто стапка на смртност наместо еден процент, зборуваме за милиони и милиони луѓе што умираат“. Токму затоа, вели, треба да знаеме да ги користиме вистинските алатки, а првата и најважна е природниот имунитет.
Покрај природниот имунитет, Пол ги истакнува и моноклоналните антитела (лабораториски произведени антитела, кои се дизајнирани да препознаваат и да се врзуваат за една специфична цел, антиген, како што е дел од вирус, бактерија или клетка на рак, нов. заб.), доброволното вакцинирање со транспарентни информации, но особено еден третман кој, вели, бил најефикасен кај критично болни пациенти – стероидите. „Евтин и беше најуспешниот третман за навистина, навистина болни луѓе. Го имаме од 30-тите или 40-тите и беше многу подобар од сè друго. Имаше 37 отсто намалување на смртноста“. Сенаторот на крајот дава практичен совет, кој важи и за иднината: „Кога сте навистина болни – стероиди. Стероидите се покажаа како третман кој, всушност, влијае“.
МИА







Comments are closed for this post.