Изведувачот „Бехтел и Енка“ продолжува да работи на изградба на автопатите според утврдената динамика и сите давачки од државата во моментов се платени“, во гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, истакна вицепреиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Според него, растот на цената на горивата во овој момент нема да предизвика дополнителни трошоци.

Не постои поголем договор во градежништвото каде што не постои така наречено клизно прилагодување на цени, каде што се ставаат неколку клучни параметри. Тоа секако може да е негативно, на пример на проектите кои што ги гради „Бехтел и Енка“ и на „Синохидро“, минатата година имавме намалување на цени. Битуменот е една од главните состојки за производство на асфалт, а исто така има доста транспорт при изградба на големи инфраструктурни проекти. Сега засега е стабилно, ако ова заврши во наредните 2-3 месеци, ние нема да имаме проблем, ако продолжи, секако ќе седнеме ќе разговараме“, вели Николоски.

На прашањето што се промени во односот кон договорот со „Бехтел и Енка“ од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција и сега кога е на власт, Николоски директно одговори дека сега се работи, за разлика од тоа кога СДСМ и ДУИ беа на власт, кога ниту една траса не беше почната.

Јас бев најгласен критичар на Договорот во опозиција, најголемата маана е што тој договор е класифициран и на секој мој состанок со раководството на Конзорциумот јас барам да се декласифицира, и на секој состанок тие ме одбиваат. Во 2024 година кога бевме избрани, ниту една делница не беше започната да се гради, а беа исплатени 260 милиони евра за така наречена мобилизација. Изборот беше да го раскинеме договорот, да одиме на арбитража и таму сигурно ќе изгубевме уште 250-60 милиони, или да ги натераме Бехтел да работат. Мислам дека е почесно да се заврши проектот, за парите кои што како држава веќе сме ги платиле, отколку да им ги поклониме“, посочи вицепремиерот Николоски.