Кавадарци и перфектурата Пела од Грција, ќе поднесат иницијативи до владите и министерствата за надворешни работи на двете земји, отворањето граничен премин Пуљевац да влезе во агендите на двете страни. За ова денеска информираше Тодор Ефремов, раководител на Секторот за локален економски развој во кавадаречката локална самоуправа.

Во изјава за МИА, тој рече дека Кавадарци има голем интерес за пограничниот премин Пуљевац да биде отворен. Направиле скрининг на теренот. Убедени се дека овој пограничен премин ќе има големо и значајно влијание врз локалниот економски развој на Кавадарци, како една од најразвиените општини во Македонија. Покренале иницијативи со кои би можеле да го поттикнат отворањето на преминот.

Пред две недели во Преспа, грчкиот град Лемос, имавме средба на заедничкиот мониторинг комитет за погранична соработка меѓу двете земји, за последниот ИПА програмски период. Донесовме заклучок од десет милиони евра што ќе бидат расположливи за новиот повик, четири милиони да одат во инвестирање на пограничниот премин Маркова Нога. Изнесов иницијатива дека во наредниот период треба да размислуваме да се отвори и Пуљевац, бидејќи Пела е единствена грчка перфектура која нема граничен премин, исто како и регионот Тиквеш од македонска страна. Ова влезе во записник и се надевам дека преку фондовите на Европска Унија, во иднина ќе можеме да ја реализираме оваа иницијатива, соопшти Ефремов.

Патот ќе се скрати за педесетина километри, а може и повеќе, зависно од техничкото решение. Ќе има исто така и зголемен проток на стоки и услуги. Тоа се, додаде, двата двигатела на локалниот економски развој. Ова е особено значајно и за развојот на туризмот.

Од тој аспект минатата недела имавме и конференција во Солун, во рамки на Саемот за туризам Филоксенија, еден од најзначајните на Балканот. Темата беше Балканот како раскрсница за развој на туризмот и алтернативниот туризам. Беше организирана од европратеникот Кунева и солунскиот градоначалник Бутарис. Го истакнав потенцијалот и значењето на винскиот туризам, информираше Ефремов.

Тој соопшти дека на Кожуф веќе постои стар воен пат, направен од калдрма.

Претпоставувам дека своевремено се користел, бидејќи тука поминувала една од најважните раскрсници Виа игнација, која ги поврзувала двата региона, рече тој.

Ефремов смета дека е вистински момент за оваа иницијатива, имајќи го предвид политичкиот момент на приближување и потпишувањето на договорот од Преспа. Овој премин дополнително би ги доближил двата народа