Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес беше присутен на ГП Блаце, по најавата на транспортните превозници за блокада.
Николоски искажа поддршка за протестот на превозниците.
Причината зошто сум денеска тука на овој граничен премин е за да искажам поддршка во мое име и во име на Владата. Овој протест е предупредувачки протест. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10-ти април натака. Ова е едно предупредување, сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите-членки на Шенген зоната да изнајдат решенија – рече тој.
Вицепремиерот посочи дека во принцип постојат три возможни решенија за решавање на овој проблем.
Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за превозниците, второто решение е да се зголеми бројот на денови кои што можат да ги поминуваат во Шенген зоната превозниците, најмалце на 250 денови, соодветно поделено во циклуси, од сегашните 180. Третото решение е да не се третираат како туристипрофесионалните возачи и превозници, туку да се третираат онака како што треба, како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила или соодветно со работни визи како што во моментов прави само Швајцарија тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат – рече Николоски.
Тој оцени дека се спротивно од ова ќе има големи последици и за македонската, регионалната, но и за европската економија.
Да не заборавиме дека најголем дел од странските инвестиции, не само во Македонија туку и во цел регион, се од земји-членки на Шенген зоната и ЕУ. Тие најчесто овде произведуваат полу-производи кои после тоа ги извезуваат во сопствените земји за да произведат финален производ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и исто така оди на север. Да не зборувам за главниот трговски коридор на цела југо-источна Европа, а тоа е Коридорот 10 кој значи економски крвоток на целиот овој регион – рече Николоски.
Засега блокиран е само сообраќајот за тешки товарни возила за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека од денеска ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.







Comments are closed for this post.