Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија утре ќе одржи партиски конгрес, но наместо атмосфера на консолидација и нов почеток, партијата го дочекува собирот во состојба на длабока внатрешна криза. По катастрофалниот пораз на локалните избори, СДСМ не успеа да изгради јасна стратегија за опоравување, па наместо соочување со причините за падот, јавноста сведочи на сè поотворени конфликти меѓу поранешни високи функционери и актуелното раководство.
Во изминатиот период, претседателот на партијата Венко Филипче ја заостри реториката, обвинувајќи дека дел од истакнатите членови и поранешни функционери „одработуваат“ за ВМРО-ДПМНЕ. Наместо смирување на тензиите, ваквите изјави дополнително ја продлабочија внатрепартиската конфронтација и создадоа впечаток на партија што бара надворешни виновници за сопствените слабости.
Од другата страна, критиките кон раководството стануваат сè поостри и појавуваат од различни партиски структури. Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, јавно побара Филипче да поднесе оставка, директно посочувајќи ја одговорноста на актуелниот партиски врв за состојбата во која се наоѓа СДСМ. Со слична порака се огласи и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој оцени дека единствен виновник за незадоволството меѓу членството е сегашното раководство, обвинувајќи го за манипулации, клевети и затворање на партијата во тесен круг.
Паралелно со внатрешните судири, Филипче отвори и фронт со дел од медиумите, тврдејќи дека СДСМ е изложен на неосновани и диригирани напади. Наместо политички одговор на критиките или аргументирана дебата, раководството сè почесто реагира со етикетирање и генерализации, со што медиумите се прикажуваат како дел од наводно координирано сценарио против партијата. Таквиот пристап, според дел од аналитичарите, ја става СДСМ во улога на партија што се бори со наративи и наслови, наместо со политики и идеи.
Сликата што се создава во пресрет на утрешниот конгрес е слика на партија во која доминира недоверба, меѓусебни обвинувања и отсуство на јасна визија за иднината. Наместо обединување, СДСМ се соочува со ризик од понатамошно продлабочување на поделбите, особено ако конгресот се претвори во уште една арена за меѓусебни пресметки.
Дали утрешниот партиски конгрес ќе донесе смирување и почеток на вистинска реформа, или ќе ја разгорува хаотичната состојба во СДСМ, останува да се види. Во моментов, единствено извесно е дека партијата се наоѓа на сериозна крстосница, на која одлуките што ќе се донесат ќе имаат долгорочни последици – не само за СДСМ, туку и за опозициската сцена во целина.







Comments are closed for this post.