По изборите, сите партии прават тоа што најдобро го знаат. ВМРО веднаш се даде во чистење на отпадот во градот наталожен во последните месеци од мандатот на Данела, во кои очигледно се случуваше намерна саботажа од страна на виталните градски служби. СДСМ се фокусираат на своите постизборни внатрешни пресметки, препирања и фракционерства. ДУИ пумпа национализам – им праќале пораки на гласачите на ВЛЕН во Кичево дека не сакаат да им дојдат ни на свадба ни на погреб откако дозволија со градот да управува Македонец, и плачат како тоа Македонците со тактичко гласање ги чинеле градоначалници во Чаир, Тетово и Струга (каде ли го научија тоа македонските гласачи?).
А што прави Левица? Нивниот лидер Апасиев по изборите излезе со силни популистички пораки – инспириран од изборот на Зо(х)ран Мамдани за градоначалник на Њујорк, Апасиев ја отвори дебатата за народни – државни продавници. Бидејќи Мамдани сака да воведе нешто такво во Њујорк, Апасиев побрза да се испофали дека во социјалистичка Југославија сме имале НА-МА маркети кои ја играле истата улога.
Без да навлегувам во оправданоста на предлогот, интересно е што не слушнавме вакви од Левица за време на кампањата.
Граѓаните, не само во Македонија туку низ светот, се соочуваат со исклучително тешка економска ситуација. Платите растат, но цените на недвижностите галопираат, а и цените на основните намирници не се шегуваат. Во вакви услови, дури и сериозни партии кои сериозно претендираат да дојдат на власт, посегнуваат по популистички предлози и решенија – да се сетиме како Данела ветуваше бесплатен автобуски превоз. Но сепак, Левица, иако е популистичка партија која не е сериозен претендент за доаѓање на власт, па затоа е целосно ослободена од обврската да дава ветувања кои се остварливи, сепак не ја искористи кампањата за нудење популистички решенија.
Мислев дека не сум доволно информиран, бидејќи поради дупка во законот Левица остана без дел од медиумската промоција, но сепак, и на нивниот сајт и на социјалните мрежи доминираа националистичките теми (наводното предавство на ВМРО врз Македонците во западна Македонија) и расправии со АВМУ. Ќе беше интересно од македонските Мамданиевци да слушневме некои навистина популистички идеи. Во Њујорк, Зо(х)ран ветува дека ќе ги замрзне кириите за сиромашните граѓани, дека ќе воведе екстра високи давачки за њујоршките милијардери (другар му Сорос веројатно ќе биде изземен), и дека ќе води политики намерно насочени да им се помогне на малцинствата, а да се казнат белците (кои веќе не се ни мнозинство во Њујорк). Левица ветуваше поголема транспарентност во работата на градските институции и следење на седниците преку интернет, што генерално веќе и постои. Мециновиќ зборуваше во општи црти за проблемите со капитализмот, потсетуваше на транзицијата, но не слушнавме ниту вистински економски ни етнички популизам (иако сепак се работеше за кандидат од етничко и верско малцинство). Можеше да ветува агресивен пристап кон граѓаните на Скопје кои трупаат станови додека младите брачни двојки и посиромашните граѓани мака мачат да купат барака во приградските населби. Ако Апасиев веќе се инспирира од моделот на државни супермаркети, можеше да му текне уште некоја идеја од времето на комунизмот – имаш куќа, врати стан. И секако, пораки упатени кон обесправените етнички малцинства во Скопје – кога веќе и кандидатот е етничко и верско малцинство. Наместо конкретни предлози, од Левица слушнавме нови реторички повраќаници – ако некогаш се закануваа дека ќе бесат и стрелаат, сега одбраа израз за дефекација, кој дури го ставаа и на лепенки низ градот. Но, силната реторика не беше поткрепена со силни ветувања.
Овој пристап ќе биде интересно да се следи во натамошниот развој на Левица. Во моментов, граѓаните што даваа глас за Левица знаеа дека Мециновиќ нема шанса да победи. Оттаму, нивните гласови беа налик на чкртање на гласачкото ливче (што исто така се случуваше на избориве).
Протестен глас, испраќање порака на незадоволство од една или друга причина, без опасност некој да го искористи тој глас и реално да направи некаква глупост со тој глас. Во текот на кампањата имаше анкети во кои граѓаните беа прашани не за кого се тие самите, туку која партија мислат дека ќе победи, и тука ВМРО-ДПМНЕ имаше масовно водство од 7-1 до 10-1. Ова укажува дека никој, освен можеби најзапалените партиски активисти на Левица, немал илузии дека гласањето за нивните кандидати ќе постигне нешто и знаел дека е исто како и чкртање на ливчето во знак на протест.
Од друга страна, доколку таа партија некогаш навистина стане сериозен конкурент за доаѓање на власт, оваа проценка ќе се смени. Тогаш граѓаните на Скопје (како сега граѓаните на Њујорк) ќе мораат навистина да се замислат дали радикалниот, протестен кандидат сериозно ќе спроведе некоја од неговите идеи. Македонците, изгорени од социјализмот, се генерално десно ориентирани во економските политики.
Тие сакаат пониски цени во супермаркетите и би поддржале поголема конкуренција која обично води до пониски цени, толерираат и државни ограничувања на маржите на маркетите, но се добро изгорени токму од НА-МА продавниците од времето на социјализмот и ќе се замислат ако на некои следни избори имаме кандидат кој сериозно ветува враќање во времето на Славија и Центро. А не дај Боже во држава како нашата, на многу сиромашни граѓани кои сепак имаат недвижности во своја сопственост, да им спомнеш леви популистички мерки од Њујорк како ограничување на височината на киријата која смеат да ја наплатат или повисоки даноци за вториот-третиот стан што го имаат, или пак некакви „имаш куќа – врати стан“ шеми.
Затоа, вроден проблем во концептот на Левица е тоа што нејзиниот евентуален иден раст во анкетите кај младите, лесно запаливи граѓани, ќе предизвикува и сериозно трезнење кај големото мнозинство сериозни гласачи. Ако тие навистина го надминат СДСМ и сериозно станат најголемата опозициска опција во Македонија и се појави можност навистина да победат макар и на локални избори, граѓаните кои сепак имаат одреден имот, имаат деца што одат во училиште, и се некако етаблирани во општеството, попрво ќе решат да чкртаат ливчиња во знак на протест отколку да си ставаат трн во здрава нога – колку и да не се задоволни од власта.
Да не зборуваме за коалицискиот капацитет на Левица во иднина, кој значи евентуално претендирање на власт преку соработка со СДСМ и ДУИ, партии кои инсистираат на правење масовни отстапки со македонскиот национален идентитет час поскоро. Како би изгледале тие заеднички советнички или пратенички листи, на кои кандидатите од ДУИ и СДСМ се со крајно спротиставени ставови по клучните идентитетски прашања со кандидатите од Левица?
Во последните недели од кампањата можевме да видиме коментатори блиски до СДСМ и ДУИ, кои со години убаво живеат од западните грантови да креваат тревога за руското влијание во Македонија и по правило да го обвинуваат ВМРО за наводна русофилија, како почнаа да канат претставниците на навистина јавно декларираната про-руска партија Левица на ги претстават своите ставови.
Наместо да бараат реакција од НАТО поради опасноста што ваква партија расте во анкетите, дежурните прозападни грантисти почнаа за Левица да викаат дека е „малку ексцентричен“ но генерално прифатлив политички фактор. СДСМ и ДУИ и нивните гласноговорници молчат и за објавата на Левица дека една од првите честитки што ја добиле по изборите е од српскиот политичар Вулин. Цинизмот на СДСМ и ДУИ значи дека можеби би се обиделе да ја прогласат Левица за прифатлив партнер, се во пуста надеж дека здружени некако ќе го победат ВМРО. Некои дури отворено навиваат Мециновиќ да го замени Апасиев како лидер, па целата русофилија да се натовари на вратот на „профата“ и со тоа да се добие чист политички субјект, управуван од мулти-етнички про-западен кандидат кој не ветува ништо посебно на економски и социјален план, но за кој сепак и понатаму би продолжиле да гласаат Македонците гневни од националните предавства или тешката социјална состојба.
Стартните позиции на трите надежни коалициски партнери СДСМ, ДУИ и Левица се толку далечни што нема гаранции дека ако се здружат, нивните гласови ќе се соберат по принципот 1 + 1 + 1 = 3. Можеби СДСМ и ДУИ се оперирани од срам, можеби и самата Левица би се нафатила на ваква коалиција (имаше јасни показатели дека партијата се обидува да му помогне на ДУИ во првиот изборен круг, што значи дека си имаат некаков муабет под маса), но за разлика од ДУИ и СДСМ, Левица нема дисциплинирано гласачко тело на кое можеш да му подметнеш ваква Франкенштајн коалиција.
Многу поверојатна разврска на политичката сцена во Македонија е дека дефинитивно го напуштаме четирипартискиот модел, со по две големи партии од двете најголеми етнички заедници, и одиме кон модел со една сериозна национална партија (ВМРО-ДПМНЕ) и 6-7 далеку помали македонски партии – некои дел од нив регионални, некои, како Левица – идеолошки, и исто така половина дузина албански партии кои остарениот Ахмети веќе нема да може да ги држи под контрола на ДУИ, особено не без пристап до власта и парите од тендерите.
Со тоа, целата власт и одговорност ќе падне врз ВМРО и Мицкоски. Од ВМРО сега зависи внимателно да ги бира и менаџира своите коалициски партнери, да ги исполнува ветувањата и да ја искористи оваа веројатно последна шанса да направиме сериозна држава.







Comments are closed for this post.