Православната црква денеска го чествува празникот Петковден. Тоа е светителски празник којшто се празнува секогаш на истиот датум, а денот од седмицата секоја година се менува. Празникот е секогаш на 27 октомври или 14 октомври, по стар стил.

Празник на света жена – жена светителка

Петковден е празник на жена свет човек, а не маж – жена светителка – света жена. Тоа е високото достоинство на жената во христијанството. Тоа е издигнување на жената до светост во Црквата. Тоа е најголемото признание на жената и на земјава и на небото. Ова е доказ дека во христијанството женате е со исто достоинство, чест и слава, како и мажот, па и таа може да биде света, а не само мажот. Затоа има и жени светителки, а не само мажи и празници на свети жени, како и на мажите. Најсветата личност меѓу луѓето е Богородица – онаа која Го роди Бога и е наречена: Пресвета, Пречиста, Преблагословена и славна Мајка Божја – Мајка на нашиот Господ Исус Христос, Спасителот на светот.

По Богородица, жената во светот постанува еднаква по достоинство со мажот. Христијанството и дава слобода, еднаквост, чест и слава, а Црквата и светост, прогласувајќи жени светителки и празнувајќи празници во нивна чест. Впрочем, сè е направено како што е запишано во Библијата: и според Божјиот кажан збор и според покажаниот пример. Зборот вели: „Нема веќе ни машки пол ни женски, зашто сите сме едно во Христа Исуса“ (Гал. 3,28), а примерот на Господа Исуса Христа и на апостолите покажува дека, освен апостолите, со Господа оделе и жени како Негови ученици. Потоа, така правеле и апостолите. Кај нас, во Македонија, прва го примила христијанството жена – Лидија, а не маж. Таа во Македонија постанала и првата христијанка во Европа, крстена од апостол Павле, но и првата светителка. Ние имаме прво христијанка, а не христијанин и прво светителка, а не светител. Македонија е прва и во издигнувањето на достоинството на жената во христијанството во Европа.

Света Петка – преподобна Параскева е особено почитувана во Македонија

Ние имаме особена почит кон светите жени и нивните празници. Тоа е нашиот благослов од Бога, уште од почетокот на Црквата во Македонија, која најпрво се формира во домот на Лидија. Првата црква беше нејзиниот дом. Таму започна сè од христијанското живееење, богослужење и празнување. Таму се собираа христијаните за празниците в црква.

Се разбира, во првите векови, христијаните не ги празнувале сите овие празници, односно, и воопшто не празнувале празници на светителите, туку ги празнувале само празниците и спомените со кои ги одбележувале значајните денови и настани од Господа Исуса Христа. Потоа, започнуваат и празниците на светителите и светителките.

Света Петка не е од тие први времиња, туку од 10-11. век и цели 10 века има силно развиен култ и слава кај нас и кај сите народи на Балканот, бидејќи таа е нашинка, од овие простори и нејзините мошти се пренесувани низ Бугарија, Србија и Романија. Народот се зближил со неа, а таа е небесна закрилничка на овие народи и брза помошничка на болните, немоќните и оние кои бараат помош од неа со искрена и чистосрдечна молитва.

Петковден е и првиот поголем празник и слава на светителка во празничниот циклус, а со него започнуваат и зимските слави и празнувања. Се сменува сезоната, а годинава, на Петковден се сменува дури и часот за зимското сметање на времето, што го потврдува црковното правило за почеток на новото зимско време.

Житие

Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимиј кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години  покажувала интерес за монашкиот живот.

Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми, па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.

Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да Му ја предаде на Бога: „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набрзо умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно, како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набрзо почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело во земјата за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто, како што си мислеле, ако било на некоја светителка, Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.

Ноќта на еден од тие луѓе по име Георгиј му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Георгиј тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгиј, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го закопавте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата својата слугинка“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата татковина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото ѝ се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.

Подоцна телото на Преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрво бугарскиот цар Јован Асен 1238 година измолил телото на преподобна Параскева-Петка да биде пренесено во Трново (во селото Арбанаси), поради што таа се вика Трновска или Арбанашка. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш моштите биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград каде што се прославиле не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василиј Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренел во црквата „Три светители“ во светиот град Јаши, а денес се наоѓаат во новиот храм, кој нејзе ѝ е посветен.

Во спомен на маченичката и чудотворка преподобната Параскева-Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27/14 октомври.