Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Comments are closed for this post.