„Ќе започнам со една уникатна снимка, која за прв пат ќе биде покажана. Станува збор за коските на Гоце Делчев, досега таква снимка не е покажана, ниту пак има. Оваа снимка е направена при отворање на саркофогот во кој се чувани коските од 1923 до 1946 година. Тоа е черепот на Гоце Делчев, коските од нозете и коските од рацете“, изјави за БГНЕС во 2023 година Евгениј Еков, тогашен главен експерт во дирекцијата „Централен државен архив“ при Државната агенција „Архив“.
Тоа се и коските кои се пренесени во Скопје и положени во саркофагот во црквата Свети Спас. Според македонски експерти од областа на медицината, на фотографијата не се забележуваат коски кои би припаѓале на граден кош – ребра, лопатки, клучни коски и пршлени. Внимателни се, велат дека за да можат да бидат целосно прецизни треба да се побара од надлежните да се отвори гробницата, да се прегледаат коските и да се даде точно објаснение што е тука, а што недостасува, но, ако се суди според сликата, во гробницата не се сите коски на Гоце. Каде се? Во Бугарија не се. Нема друго место и објаснување, туку дека тие се уште лежат во дворот на црквата во Баница, каде Гоце загинал и потоа бил закопан. Всушност зад целото патешествие на коските на Гоце Делчев стои една долга приказна. Еве ја во продолжение:
Таа приказна всушност започнува пред 120-тина години.
„На 22 април утрото (5 мај 1903 година, според новиот календар), откако ги прегледал сите трупови, Тефиков наредил убиените да се погребаат според христијанските обичаи со светеник, а труповите на Делчев и Гоштанов да се однесат во Серес. Кога телата се наближиле до градот, од Солун стигнала некаква телеграма да бидат вратени назад во Баница, каде биле погребани во посебен гроб. Тоа помогна да се знае гробот на Гоце. Инаку, ќе беше погребан со останатите во еден гроб, и ќе беше многу тешко да познаеме кои се коските на Гоце, а кои на другите четници…“, раскажувал подоцна во своите сеќавања, Михаил Чаков, соборец на Гоце, учесник во битката во Баница, сведок на неговото загинување и човк кој е најзаслужен што коските се сочувани.
„…На 23 април 1906 година, на Ѓурѓовден, стигнавме во Баница. Точно по три години од смртта на Гоце и по едно советување со Таската, решивме да го откопаме гробот на Гоце и на Гоштанов и да ги прибереме коските. Гробот беше на една ливада до самото село, на околу десетина минути, до кулата на патот Серес – Неврокоп, во која има околу 20-тина жандарми.
Поради тоа, решивме откопувањето на гробот да биде во текот на ноќта, кога можевме да преземеме и мерки на претпазливост. За среќа, стражарите не не видоа додека откопувавме, и покрај тоа што ноќта беше со јасна месечина. На наше големо чудење, кога го откопавме гробот и стигнавме до коските, градниот кош на Гоце беше се уште нераспаднат. Затоа, го зедовме черепот и останатите коски, а градниот кош го оставивме да се дораспадне. Гоштанов беше послаб и беше распаднат целосно. Неговите коски ги предадовме на чичко му, кого го бевме повикале од Крушово, специјално за таа цел“, раскажувал Чаков.
Откако ги прибрале коските на Гоце, влегле во селото во куќата на дедо Никола Мутафчиев, клисар на црквата.
„Зоврев вода во еден голем котел, и откако добро ги измивме коските, бидејќи не располагавме со други средства за дезинфекција, ги потопивме во еден сад со шпиритус. По три дена ги извадив коските од шпиритусот, внимателно ги ставив во една бовча и му ги предадов на дедо Никола“, тврди Чаков.
Вечерта пред да го напуштат селото, Чаков го повикал дедо Никола на страна и во четири очи му го кажал следното:
„Дедо Никола, ќе направиш едно сандаче, ќе ги ставиш коските во него и кога ќе спие Господ, преку ноќта, ќе ги пренесеш и ќе ги оставиш кај олтарот во црквата. Змија ќе ти го изеде јазикот ако некој друг дознае дека тоа се коските на Гоце Делчев.“
Дедо Никола ја чувал тајната до смртта. Во 1908 година една ноќ, тој самиот отишол и одново го откопал гробот, ги собрал и коските од градниот кош на Гоце, на истот начин ги измил, ги потопил во шпиритус и ги ставил во сандачето, тврди Чаков.
И овој последен дел од неговите сеќавања е спорен. Тој не бил сведок на откопувањето на коските од градниот кош на Гоце во 1908-та. Никаде не потврдува дека се уверил дека дедо Никола ги ставил коските во сандачето и дека тие таму се наоѓаат. Понатаму, Чаков продолжува:
„Кон крајот на 1915 година како подофицер се најдов во Ксанти… Во ноември-декември веќе можев да ги чујам топовските грмежи од Серскиот фронт. Ми пролета мислата дека англиско-француските војски можат толку да напредуваат и да ги принудат нашите да отстапат од тие места, а заедно со тоа, и коските на Гоце да ги изгубиме засекогаш. Тогаш смислив како да ги земам.
Дедо Никола Мутафчиев во 1913 година се преселил во селото Којункој, на половина час до Ксанти. Го повикав да дојде и му реков да оди и да ги прибере коските. Дедо Никола замина и го најде сандачето со коските така како што го оставил. Селото Баница беше палено три пати. И црквата била запалена, но за чудо, олтарчето, заедно со коските на Гоце останало…
Јас направив ново сандаче, ги ставив коските во него (можно ли е да не обрнал внимание на тоа дали станува збор за сите коски? н.з.) и до 1923 година ги чував дома крај иконата, а едно кандилце гореше деноноќно. Во 1919 година по силата на нештата заминав од Ксанти. Пред да заминам, по Василка Д. Бонева го испратив сандачето со коските во Пловдив“, раскажувал Чаков.
Така коските се нашле во Бугарија. Од Пловдив, Чаков ги однел во Софија, каде во август 1923 година биле изложени во црквата Света Недела на поклонение. На 12 август 1923 година биле сместени на таванот на црквата заедно со коските на Раковски. Потоа Чаков одново ги зел коските и тие биле чувани во канцеларијата на друштвото Илинден во сандачето на кое веќе било испишано:
„Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија.“
Тоа е сведоштвото на Чаков за коските на Гоце. Тие коски, чувани во сандачето во друштвото „Илинден“, во 1946 година се пренесени во Скопје и положени во црквата свети Спас. Приказната за коските продолжува пред 10-тина години, кога во тогашен „Дневник“ беше направена репортажа од остатоците од с. Баница и од сокаците низ кои Гоце се обидувал да се извлече, единствена репортажа на македонски новинар и медиум, и кога по репортажата во редакцијата се јави сега веќе покојниот скопјанец Ефтимов, кој сметаше дека постои голема веројатност градниот кош и натаму да почива во Баница. Имено, тој, при пренесување на коските од Софија во Скопје, имал прилика да ѕирне во сандакот и му изгледало дека таму нема доволно коски колку што е нормално за едно човечко тело. Тогаш се постави дилемата – дали дедо Никола во 1908 навистина постапил како што му рекол Чаков? Дали се вратил и ги откопал и неизгниените коски од градниот кош на Гоце, така како што од него побарал Чаков? Мислевме дека тоа никогаш нема да го дознаеме.
Но, во 2023 година, Еков само ги потврди сомнежите објавувајќи ја фотографијата од коските на Гоце во сандачето. Таа фотографија и потврдата на нашите специјалисти кои ги консултиравме, колку и да се внимателни во тврдењето, само потврдуваат – градниот кош на Гоце и натаму почива во Баница, а во саркофагот во Скопје се само коските од черепот, од рацете и нозете.
MИА
Comments are closed for this post.