Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по големиот пожар што го зафати Трубарево.
Според обвинителството, проверките се однесуваат како на причините за настанувањето на пожарот, така и на складирањето на отпадот на самата локација.
– Извршено е фотографирање и дронско снимање на местото, со цел да се обезбедат сите потребни докази. Со оглед на тоа што локацијата е затрупана и небезбедна, увидните дејствија се одвиваат со отежнат интензитет – велат од Основното јавно обвинителство.
По нивна наредба, местото на настанот ќе остане обезбедено и во наредниот период, за да се продолжи со истрагата.
– Дополнителни мерења на загадувањето ќе спроведе Министерството за животна средина, а ќе биде ангажирано и вешто лице од областа на екологијата – информираат од ОЈО.
И покрај гаснењето, на терен и понатаму е стационирана противпожарна екипа.
– На делови од локацијата се јавуваат повремени чадења и постои опасност од повторно разгорување на огнот, поради што присуството на пожарникарите е неопходно – рекоа од надлежните служби.
Обвинителството нагласува дека истрагата продолжува и дека ќе бидат преземени и други дејствија со цел целосно расветлување на случајот.
Comments are closed for this post.