Предлог Буџетот за 2019 предложен од Владата предводена од СДСМ е развоен и обезбедува повеќе пари кај граѓаните, поголема социјална еднаквост и подобра живејачка за сите, рече денес Хари Локвенец, пратеникот на СДСМ и коалицијата.

Платите ќе растат во сите сектори. За да се зголеми мотивацијата, да се заштити професионалното достоинство да се зголеми ефективноста во работата. Докторите специјалисти добиваат зголемување на платите за 10 отсто, почнувајќи веќе од јануари 2019 година. Тоа ќе важи и за останатиот медицински персонал кој добива повисоки плати за 5 отсто, рече Локвенец.

Според него, со таквите мерки ќе се постигне плата и повисока од 90 илјади денари за специјалистите, со тенденција до крајот на годината таа да биде 100 илјади денари.

Зголемување на платите од 5 отсто ќе следува и во другите сектори, повисоки плати добиваат вработените во образованието, детските градинки, социјалните центри, судството, полицијата, армијата и за културните работници.

Исто така, во 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите во приватниот сектор, што ќе биде поддржано со владините мерки.

Пакетот активни мерки за вработување ќе изнесува 1,1 милијарда денари, со што се очекува намалување на невработеноста на рекордно ниски 20 отсто, додаде Локвенец.

Буџетот следната недела ќе биде и пред пратениците.