Барањето за азил во Унгарија на поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, било разгледано од Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права на Советот на Европа, потврди за ПресингТВ нејзиниот портпарол.
На прашањето на Пресинг ТВ, дали комесарката е запозната со случајот со Груевски и неговото бегство во Унгарија, каде побарал политички азил, од нејзиниот кабинет ни одговорија потврдно.
Да, го видовме барањето на Груевски“, ни одговори портпаролот Стефано Монтенари.
Повеќе детали околу барањето за азил и по кои канали тоа стигнало до Мијатовиќ не знаеме. Не добивме ниту одговор дали нешто ќе преземе комесарката во рамки на својата надлежност. Што се однесува до тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека партијата е цел на политички прогон и дали заради тоа таа планира можеби да ја посети Македонија, од кабинетот ни одговорија: „Посета на земјата во овој момент не е планирана“.
Од мистериозното бегство на Груевски во Унгарија се исплетоа повеќе верзии за тоа како тој успеал и покрај постојано обезбедување незабележан да премине преку македонските граници, при што најчесто се спомнува дека тоа е остварено со помош на унгарска логистика. Но, се чини сега клучно е прашањето со статусот на Никола Груевски, оти тој во моментов може да биде третиран како дисидент кој побарал политичка заштита од трета земја. Дали Унгарија ќе му одговори позитивно на неговото барање ќе се види кога ќе поминат законските рокови. Во секој случај, треба да се води сметка на пример на случаи како со тој на Едвард Сноуден, кој пребега од демократска земја, но тој сметал дека нема да може да си обезбеди фер судење во Америка, па азил доби во Русија. И Џулијан Асанж побара азил за да избегне нефер судење.
А, Груевски, како што информираа унгарските власти, се пожалил токму на нефер судење, плус дополнително, на закани по неговиот живот, што секако, доколку се потврди, ќе бидат аргументи со голема тежина. А, тоа може да биде и сериозен удар за земјава.
Будимпешта, инаку, претходно соопшти дека земајќи предвид оти Груевски бил премиер повеќе од десет години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволиле на Груевски да поднесе барање за азил во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил. Таа канцеларија ќе го разгледа барањето во процедури согласно унгарскиот закон и меѓународното право.
Ние сметаме дека прашањето е чисто правно“, подвлече унгарската влада.
А, што се однесува до владеењето на правото, токму на „случајот Груевски“ се тестира правосудниот систем меѓу прашањата за неказнивост и нефер судски постапки. Прашања кои се многу повеќе од дневна политика.
Comments are closed for this post.