Две лица се уапсени во врска со убиството кое утрово се случи на паркинг просторот пред трговски центар „Мавровка“ во Скопје, каде што со огнено оружје е застрелано едно лице кое починало на местото. Од Министерството за внатрешни работи велат дека им е познат идентитетот и на третото осомничено лице кое е во бегство.

Како што информираат од МВР, од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови.

На подрачјето на општина Чаир, појаснуваат, е забележено патничко возило кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје.

Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање, стои во соопштението од МВР.