Сакам да знаете дека вие ќе ми бидете најголема потпора и поддршка во следниот период. Имаме големи планови врзани за подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, а во рамки на сето тоа, еден од фокусите ќе биде и враќање на вашиот дигнитет, достоинство и подобар статус во општеството. Ова во видео обраќање пред наставници, го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отворањето на Синдикалните спортски игри на СОНК што денеска и утре се одржуваат во Струга.
Основното образование е приоритет, мој како министерка, и на Владата. Но, ниту една промена нема да се случи без вас. Затоа што сте најважната алка во воспитно образовниот процес и јасно е дека ако не сме на иста страна, ако немаме усогласен став, нема да има успех. Затоа најавив и повторувам – ништо нема да правиме без ваша согласност, на сила или пак инкогнито. Помина тоа време – рече Јаневска, додавајќи дека активно ќе работи во интерес на наставниците, но заеднички фокус треба да бидат младите.
Ако треба нешто да издвојам, тоа сигурно е потпишувањето нов колективен договор за основно и средно образование и тоа ќе се случи во текот на мандатот на оваа Влада. Пред неколку дена ја остваривме првата средба и начнавме првична дискусија со раководството на СОНК и заедничка заложба е да создадеме повеќе можности за вас, нагласи Јаневска.
Министерката информираше дека ќе бидат елиминирани оние аспекти на Концепцијата за основно образование кои иницираат незадоволство кај наставниците, учениците и родителите, но и како што рече, ќе го продолжиме и надградиме тоа што е добро и токму вие сте го оцениле како такво. Информираше дека ќе се организираат и повеќе обуки кои се од интерес на наставниците, ќе се работи на обезбедување учебници за сите ученици, а меѓу приоритетите ќе бидат и дигитализацијата и инклузијата на образовниот систем, бидејќи компарациите со земјите од регионот, покажуваат дека доцниме.
Ги повика наставниците за време на собирот да споделуваат добри искуства и практики и да споделуваат информации и идеи со неа, бидејќи, посочи таа, секоја идеја вреди да се разгледа и размисли за ефектите и начинот на имплементација.
Comments are closed for this post.