Речиси 40 години откако комунистичкиот режим му го одзема, чешкиот премиер Андреј Бабиш предложил на писателот Милан Кундера да му биде вратено чешкото државјанство, пишува софиски „Дневник„ пренесувајќи го „Гардијан„.
Кундера, чии книги се вбројуваат меѓу најдобрите уметнички литературни творби на 20-тиот век, во 1950 година беше исклучен од комунистичката партија заради „антикомунистички дејства„. Властите го прогласуваат за непријател, но во текот на 1975 година тој успева да избега од Чехословачка. Неколку години подоцна, во 1979, владата му го одзема чешкото државјанство, а две години подоцна тој добива француско.
За време на викендот, Бабиш се сретнал со писателот и неговата сопруга Вера во Париз, каде присуствувал на чествувањата по повод 100-годишнината од крајот на Првата светска војна. На својот ФБ профил, тој го опишува Кундера како „легенда на чешката, француската и светската литература„.
Кундера догодина ќе наполни 90 години. Чешките медиуми забележуваат дека неговиот одговор на поканата на премиерот Бабиш да ја посетат Чешка бил необврзувачки.
Comments are closed for this post.